Islam Doğru
29 Јануари 2022•Ажурирај: 31 Јануари 2022
ЊУЈОРК
Израел постигна дипломатска корист во многу подрачја во светот благодарение на „Пегасус“, контроверзната разузнавачка програма што ја произведе компанијата за кибербезбедност НСО груп, објави „Њујорк тајмс“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во истражувачкиот извештај се истакнува дека израелската надворешна дипломатија се темели на способноста на земјите да им одобри и одбие пристап до релевантната програма за кибероружје.
На истражувањето е работено околу една година и резултатот се интервјуа со десетина водечки државни претставници, безбедносни службеници, експерти за кибероружје и вработени во областа на шпионските активности.
Давајќи пример каде земјите како Мексико и Панама ги свртеа своите позиции кон Израел во клучните гласања во Обединетите нации откако добија пристап до „Пегасус“, во текстот се наведува дека шпионскиот софтвер одиграл голема улога во односите на Израел со земјите од Блискиот Исток и во воспоставувањето нови сојузи во регионот.
Се нагласува дека продажбата на „Пегасус“ овозможила поддршка на арапските нации во израелската кампања против Иран, и се истакнува дека таа продажба одиграла клучна улога во позадината на таканаречените бликоисточни мировни преговори во 2020 година, познати како „Абрахамов договор“, што ги нормализираа односите меѓу Израел и некои арапски противници.
„Кибероружјето длабоко ги смени меѓународните односи повеќе отколку кој било сличен напредок. Тие на некој начин се уште посериозно дестабилизирачки, бидејќи се релативно евтини, лесно се распоредуваат и можат да се распоредат без какви било последици за напаѓачот. Соочувањето со нивното умножување радикално ја менува природата на државните односи, што Израел го откри одамна, а остатокот на светот дури сега почнува да го сфаќа“, се вели во текстот.
Се наведува дека САД тајно набавиле, тестирале и го користеле шпионскиот софтвер на НСО груп претходните години, но подоцна се откажале од тоа поради страв дека ќе предизвика правни проблеми.
Се наведува дека „Пегасус“, шпионскиот софтвер што го произведе израелската компанија за кибербезбедност НСО груп, може да ги собере сите податоци со инфилтрирање во телефонот без знаење на корисникот во многу краток временски период откако ќе се инсталира, па дури и да ги активира камерата и микрофонот на телефонот.
Според текстот објавен на 21 јануари во израелскиот весник „Хаарец“, Пегасус е продаден во многу земји низ светот и користен е за следење на широк опсег на луѓе, вклучувајќи активисти, синдикалци, политичари, официјални лица, адвокати и новинари на широко подрачје, од Индија до Уганда, од Мексико до Палестина.
Компанијата „НСО груп“ ставена е на листата за санкции на САД откако се појави скандал дека овој израелски софтвер го користеле државните официјални лица за прислушкување на противниците, адвокатите и новинарите.