Faruk Zorlu
02 Октомври 2022•Ажурирај: 03 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Бројот на загинати во стампедото и немирите на фудбалски натпревар во Индонезија се искачи на 174, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Откако приврзаниците на поразениот домашен тим упаднаа на теренот во покраината Источна Јава доцна синоќа, полицајците пуштија солзавец за да ги растераат, што предизвика стампедо и случаи на гушење кај присутните“, изјави за новинарите началникот на полицијата на Источна Јава, Нико Афинта.
Заменик-гувернерот на Источна Јава, Емил Дардак, за локалната телевизија Компас изјави дека повредени се над 100 лица и дека тие се на лекување во осум болници.
На видеото споделено на социјалните мрежи се гледаат навивачите, облечени во црвено и сино, како упаѓаат на теренот откако Арема загуби со 3:2 од Персебаја Сурабаја и се судираат со безбедносните сили.
Министерот за спорт, Заинудин Амали, рече дека властите ќе ја преоценат безбедноста на фудбалските натпревари и ќе ја оценат опцијата за натпревари без гледачи по стампедото.
Индонезиската фудбалска федерација ги откажа натпреварите за следната недела поради трагедијата и му забрани на фудбалскиот клуб Арема да биде домаќин на натпревари до крајот на сезоната.
Во меѓувреме, координативниот министер за политички, правни и безбедносни прашања, Мухамад Махфуд Махмодин, рече: „Треба да нагласам дека трагедијата не беше судир помеѓу навивачите на Персебаја и Арема, туку затоа што на навивачите на Персебаја не им беше дозволено да го следат натпреварот.“