Emrah Oktay
01 Август 2021•Ажурирај: 04 Август 2021
ТОКИО
На 9-тиот ден од Олимписките игри во Токио 2020, Венецуелката Јулимар Рохас го освои златниот медал соборувајќи го светскиот рекорд во троскок во женска конкуренција, известува Агенција Анадолија (АА).
На 32. Летни олимписки игри во Токио, на Олимпискиот стадион во Токио, каде што се одржуваат атлетските натпревари, се одржаа финалните натпревари во троскок во женска конкуренција.
Венецуелката Рохас во својот прв обид прескокна 15,41 метар со што го собори олимпискиот рекорд поставен 2008 година во Пекинг од страна на Камерунката Франсоа Мбанго. Во својот последен обид Рохас скокна извонредни 15,67 метри. Со овој скок Рохас го собори светскиот рекорд на Украинката Инес Кравец од 15,50 метри постигнат во 1995 година. Рохас (25) со успехот на ОИ во Токио стана првата спортистка која на Венецуела ѝ донесе златен медал од олимпијадите.
Сребрениот медал го освои Португалката Патрисија Мамона, додека Шпанката Ана Пелетеиро се закити со бронзениот медал.