Admir Fazlagic
11 Јуни 2019•Ажурирај: 11 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Фудбалската репрезентација на Северна Македонија на националната арена „Тодор Проески" вечерва беше поразена од репрезентацијата на Австриjа со резултат 1:4, во рамките на квалификациите за Европското првенство, јавува Anadolu Agency (AA).
По поразот од Полска во саботата, избраниците на селекторот Игор Ангеловски и вечерва загубија во квалификациите за Европското првенство, овој пат од Австрија со убедливи 1:4.
Гостинската репрезентација создаде многу повеќе шанси во текот на натпреварот, а одличните интервенции на голманот Димитриевски спречија поразот да биде уште поголем. Домашната репрезентација имаше водство на натпреварот, но противникот покажа далеку подобро и поуспешно издание.
Првиот гол падна во 18. минута за репрезентацијата на Северна Македонија. Центаршут упати Алиоски, а Хитигер во обид топката да ја подаде на својот голман постигна автогол.
По две одбрани на Димитриевски, македонските репрезентативци првата конкретна шанса ја имаа во 30. минута кога Пандев беше во шестнаесетникот и на само неколку метри оддалечен од противничкиот гол упати непрецизен удар. Само неколку минути подоцна, по центаршут на Николов, Несторовски со глава ја погоди пречката.
Само неколку минути пред крајот на првото полувреме, во 39. минута се случи израмнување на резултатот, Лаимер упати топка до Лазаро кој добро се снајде помеѓу одбранбените фудбалери од домашната репрезентација, се избори за позиција да шутира и постигна гол за 1:1.
Во второто полувреме продолжи доминацијата на Австрија, но неколкупати Димитриевски успешно одбрани.
Во 60. минута од натпреварот, Бејтулаи направи прекршок за пенал, а Арнаутовиќ беше прецизен од белата точка, со што дојде до пресврт на резултатот, Северна Македонија - Австрија 2:1.
Австријците продолжија со офанзивната игра и на само десеттина минути пред крајот, Арнаутовиќ повторно постигна погодок, овој пат со глава, со што го зголеми резултатот на 1:3 за Австрија.
Конечните 1:4 ги постави Лаимер, кој на пет минути до крајот постигна погодок.
Во групата „Г" Полска води со 12 бода, втор е Израел со седум, трета е Австрија со шест бода, а Северна Македонија е четврта со четири бода.
Квалификациите за македонскиот национален тим продолжуваат на 5 септември со гостувањето во Израел.