Dejan Maksimoviç
14 Август 2019•Ажурирај: 14 Август 2019
ИСТАНБУЛ (AA) – Фудбалерите на англиските клубови Ливерпул и Челси вечерва во Истанбул ќе се борат за првиот европски трофеј оваа сезона. Победниците на Лигата на шампионите и Лигата Европа од минатата сезона, ќе играат во рамките на Суперкупот, а менаџерот на „Редси“, Јурген Клоп, нагласува дека ги чека интересен натпревар и голем предизвик, пренесува Anadolu Agency (AA).
Многумина му дадода на Ливерпул улога на фаворит во вечерашниот дуел на истанбулската „Водафон арена“, посебно поради дебаклот на Челси на отворањето на сезоната, кога на Олд Трафорд од Манчестер Јунајтед претрпеа пораз од 0:4. Но, Клоп нема да го потцени противникот, бидејќи многу го почитува Франк Лампард, новиот менаџер на Челси.
„Мислам дека Лампард минатата сезона со Дерби покажа дека е многу, многу добар менаџер. Преку ноќ многу ја смени играта на Дерби. Не ги познавав премногу Дерби, но многу слушнав за нив. Меѓутоа, кога ги видов како играат, посебно против Манчестер Јунајтед, помислив, каква игра“, рече Клоп.
„Значи, тоа е вистински фудбал, со висок интензитет, тука многу нешто е потребно. Добра и висока одбрана, така што тоа ќе биде голем предизвик. Ќе биде интересен натпревар и за нас многу тешка работа. Двата тима заслужуваат да бидат тука каде што се и сигурен сум, сакаат да победат. Мислам дека тоа би можело да влијае на натпреварот, бидејќи морате да бидете жестоки, а истовремено и смирени. Ќе видиме кој ќе ги изведе подобро сите тие работи“, додаде Клоп.
Натпреварот од Суперкупот на Европа помеѓу Ливерпул и Челси ќе се игра вечерва на „Водафон арената“ во Истанбул со почеток во 21 часот. Интересно е тоа што за прв пат во историјата на натпреварите на машки тимови во натпреварувањето на Европската фудбалска федерација (УЕФА) ќе суди жена. Таа чест ѝ припадна на Стефани Фрапарт од Франција.