Zylfije Adem Jakupi
06 Октомври 2023•Ажурирај: 07 Октомври 2023
ПРИШТИНА (АА) - Европското првенство во џудо, кое за првпат се одржува во Косово, почнува на 16 декември годинава. На првенството ќе учествуваат околу 50 земји со над 100 елитни џудисти, пренесува Анадолу.
Како што соопштија од Џудо-федерацијата на Косово, Европското првенство ќе се одржи во Палатата на млади и спорт во Приштина, како најголем спортски настан во земјата.
„До 50 земји учеснички со над 100 елитни џудисти ќе се борат за главната награда од вкупно 300.000 евра во сите категории“, се наведува во соопштението.
Логото на Европското првенство е инспирирано од белата и сината боја на Приштина, на кое има илустрација на зградата на Палатата на млади и спорт и илустрација на поздравот „реи“ во џудото, како еден од неговите главни елементи кои симболизираат почит и благодарност, со цел да се одрази главната вредност на Косово, гостопримството и да се види традицијата на џудото во Косово, земја со три олимписки златни медали.
Отвореното Европско првенство во џудо („European Championships Open“) се организира во рамките на државната програма „Косово, држава на џудото“ од страна на Џудо-федерацијата на Косово, со поддршка на Министерството за култура, млади и спорт на Косово и Европската џудо-федерација.