Dejan Maksimoviç
18 Јануари 2017•Ажурирај: 19 Јануари 2017
МАНЧЕСТЕР (AA) – Јаја Туре, фудбалер на Манчестер Сити ја одби профитабилната понуда што ја доби од Кина, но не се наведува од кој клуб. Според британските медиуми, фудбалерот за врска од Брегот на Слоновата Коска одби плата од 430.000 фунти (околу 496.000 евра) неделно, пренесува Anadolu Agency (AA).
Туре и минатата година имал понуди од кинеската Супер лига, но не сакал да замине. И покрај фактот што на лето му истекува договорот со „граѓаните“, Туре одлучи да ја одбие и овогодишната привлечна понуда од Кина. Со овој потег, љубимецот на навивачите веројатно уште повеќе влезе во нивните срца, бидејќи многумина го сметаат токму Туре за најзаслужен за двете шампионски титули на Англија, кои Сити ги освои од неговото доаѓање од Барселона во 2010 година.
Според клаузулата во неговиот договор, од 1. јануари оваа година тој има право да ги разгледува понудите од странство. Со тоа, неговата судбина во тимот под водство на Жузеп „Пеп“ Гвардиола е сосема неизвесна. На почетокот на сезоната воопшто не играше, за во ноември да се врати во стартната постава. Неговата позиција во првите 11 дополнително ја зацврсти повредата на засилениот играч Илкај Гундоган, кој најверојатно ќе паузира до крајот на тековната сезона.
Туре игра веќе седма сезона во дресот на „граѓаните“, за кои одигра вкупно 279 натпревари и постигна 79 гола. Во септември минатата година одлучи да се збогува од дресот на репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска, за која одигра 102 натпревара и 19 пати ја затресе противничката мрежа.