Büşra Nur Bilgiç
17 Декември 2019•Ажурирај: 18 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, денеска изјави дека за да се одговори на глобалната хуманитарна криза потрбени се меѓународни напори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Глобалната бегалска криза претставува предизвик за секого кој се грижи за хуманитарноста“, напиша Алтун на социјалната мрежа Твитер пред почетокот на првиот Глобален форум за бегалци, организиран од УНХЦР во Женева, Швајцарија.
„Турција е домаќин на 4 милиони бегалци и им помага на стотици илјади внатрешно раселени лица во Сирија и Ирак. Ние им помагаме на оние на кои им е потребна помош не само во нашиот регион, туку и низ светот“, изјави Алтун.
„За глобалната хуманитарна криза се потребни големи меѓународни напори. Ние помагаме и водиме“, додаде тој.
Алтун нагласи дека европските земји ги гледаат бегалците како безбедносна закана наместо како човечки суштества, но дека Турција ќе го заврши својот дел дури и ако европските земји не го сторат тоа.
„Меѓународната поддршка, да се каже во најмала рака, е лоша. Ова е срамно, ние ги мобилизиравме нашите национални ресурси во текот на изминатите осум години“, истакна тој.
„Крајно време е меѓународната заедница да се обедини и да го следи примерот на Турција во поддршка на бегалците низ светот“, додаде тој.