Metin Tokgöz
26 Јануари 2019•Ажурирај: 27 Јануари 2019
ИСТАНБУЛ (AA) - Во турскиот град Истанбул одржан е марш во знак на поддршка на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, јавува Anadolu Agency (AA).
Маршот го организираше Комунистичката партија на Турција (TKP), а учесниците се собраа пред зградата на операта „Суреја“ во истанбулскиот кварт Кадикој.
Собраните носеа државни знамиња на Турција и Венецуела, истакнувајќи ги транспарентите „САД да ги тргнат рацете од Венецуела“, „Народот на Венецуела не е сам“, „Проклет нека е империјализмот“, „Империјалистите секогаш губат“.
Извикувајќи пароли за поддршка на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, собраните се упатија кон Централниот плоштад во Кадикој.
Меѓу присутните беше и амбасадорот на Венецуела во Анкара, Хосе Грегорио Бачо Рејес, кој на присутните им се обрати на турски јазик.
„Ви благодарам, драги пријатели, кои денес дојдовте тука. Се заблагодаруваме за поддршката од сите делови од светот на Турција“, рече Рејес, и додаде:
„Она што треба да го направиме во овој момент е да признаеме еден претседател на Боливарската Република Венецуела и на Боливарската револуција. Светот е помал од пет (петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН). Боливарската револуција ќе продолжи, бидејќи таа претставува една културолошка и политичка целина. Револуцијата продолжува.“
Потсетуваме, протестите во Венецуела започнаа на 10 јануари, на денот кога претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, положи свечена заклетва и го започна вториот мандат на функцијата шеф на државата.
Опозицијата во Венецуела не ја признава власта на претседателот Мадуро, а челникот на опозицијата и на Парламентот, Хуан Гуаидо, се прогласи за привремен претседател
Мадуро тврди дека станува збор за обид за државен удар поддржан од САД, кои отворено застанаа на страна на опозицијата и Гуаидо.
Освен САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај. Од друга страна, Турција, Иран, Боливија, Мексико и уште неколку земји ја поддржуваат легитимната власт на Мадуро.