Salih Baran
07 Март 2020•Ажурирај: 08 Март 2020
ЕДРЕНЕ (АА) - Грчките безбедносни сили и денеска интервенираа со солзавец и водени топови врз барателите на азил кои чекаат во тампон-зоната за да преминат во Грција, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во турската област Едрене постојано пристигнуваат групи луѓе со намера да ја преминат грчката граница на патот кон европските земји.
Стотици луѓе, кои продолжуваат со чекањето во тампон-зоната на граничниот премин „Пазаркуле“, се разбегаа во паника за време на интервенцијата на грчките сили.
Грчките сили интервенираа со водени топови, а со солзавец се погодени голем број баратели на азил, вклучително и деца.
Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, вчера изјави дека бројот на луѓе кои од Едрене преминале во Грција изнесува 142.175.
Голем дел од нив ја преминуваат реката Еврос (Марица) за да стигнат на грчката страна, а во моментов, во близина на граничниот премин „Пазаркуле“, околу 3.500 баратели на азил чекаат за да ја преминат границата.
Обвинувајќи ја Европската Унија (ЕУ) дека ги нема исполнето своите ветувања за помош за мигрантите, Турција неодамна ја ублажи својата миграциска политика, дозволувајќи им на мигрантите да бараат влез во Европа.
Моментално во Турција се наоѓаат над 3,7 милиони сириски бегалци, што ја прави земја со најголем број бегалци во светот.