Emre Başaran
24 Ноември 2023•Ажурирај: 25 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес го обвини Израел дека „врши воени злосторства“ во Газа со тоа што го спречува пристапот на луѓето во опколената енклава до струја, вода и храна, јавува Анадолу.
„Израел, кој врши воено злосторство со исклучување на струјата, водата и со спречување на доставата на храна, се обидува да спречи да се слушне за опресијата врз жителите на Газа со прекинување на комуникациите со надворешниот свет“, рече Ердоган во видеопораката испратена до Меѓународниот самит за стратешки комуникации (Стратком) во Истанбул.
„Цивилите кои Израел намерно ги има како цел не се само деца и жени. Израел, исто така, убива новинари кои се обидуваат да му ја откријат на светот хуманитарната трагедија во Газа и покрај сите тешкотии“, рече турскиот претседател, додавајќи дека повеќе од 60 новинари се убиени досега во израелските напади.
Претседателот Ердоган, исто така, критикуваше одредени медиуми за кои се смета дека имаат произраелска пристрасност.
„Многу медиуми, повикувајќи се на инцидентот од 7 октомври [нападот на Хамас], ги игнорираа злосторствата против човештвото и војната извршени од Израел во Газа“, рече тој.
„Овој став не се смени дури ни при убивањето на нивни колеги од страна на израелските безбедносни сили. Овој непринципиелен однос ги погоди не само семејствата на новинарите кои ги загубија животите, туку и медиумите“, рече тој.
„Верувам дека тоа длабоко ја повреди целата заедница. Ние, како Туркије, од првиот ден застанавме покрај народот на Газа и против израелското угнетување, не ја дозволивме пропагандната војна на Израел со цел уништување или искривување на вистината.“
Претседателот, исто така, им честита на храбрите турски новинари кои известуваа за агресијата на Израел во Газа откако се разгореа тензиите.
„Турските новинари, кои известуваа за ситуацијата на теренот од момент во момент, покажаа навистина храбар став во овој процес“, рече тој, заблагодарувајќи им се и на Анадолу и ТРТ за нивните напори во известувањето за конфликтот.
Во текот на изминатите неколку недели од конфликтот, многу Палестинци во густо населениот Појас Газа изгубија контакт со членовите на семејствата поради последователните прекини во комуникацијата и потешкотиите во движењето.
Палестинците во северниот дел на Појасот, вклучително и градот Газа, отидоа да ги проверат и нивните домови, но нема да можат да се вратат во своите живеалишта според договорот за хуманитарна пауза, кој вклучува и размена на заложници и испорака на помош во енклавата.
Стотици илјади избегаа кон југ од интензивните израелски напади и копнената операција во северниот дел на Појасот Газа од 7 октомври, кога Хамас изврши ненадеен напад против Израел.
Во петокот, израелската Армија, исто така, фрли летоци во јужниот дел на Појасот Газа, предупредувајќи ги Палестинците да не се движат кон север, бидејќи тој и понатаму е воена зона.
Четиридневната хуманитарна пауза меѓу израелската Армија и Хамас стапи на сила утринава во сите области на Појасот Газа, привремено запирајќи ги нападите за размена на затвореници и влез на хуманитарна помош.