Ferdi Türkten
17 Септември 2021•Ажурирај: 19 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе ја врачи својата книга „Можен е поправеден свет“ на лидерите со кои ќе се состане во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган на 19 септември ќе престојува во Њујорк каде што ќе присуствува на Генералното собрание на ОН и ќе одржи низа состаноци со лидерите.
Ердоган својата книга во која детално ја објаснува турската потрага за правда за целото човештво, која на англиски е преведена под наслов „A Fairer World Is Possible“, ќе ја врачи на светските лидери со кои ќе се состане во Њујорк на Генералното собрание на ОН.
Укажувајќи на дилемите на глобалната политика, особено неправдата, бегалската криза, меѓународниот тероризам и исламофобијата, претседателот Ердоган во својата книга на примерот на Обединетите нации укажува на дискриминацијата и двојните стандарди во светот.
Во книгата, Ердоган исто така ја нагласува потребата од сеопфатни реформи, особено во Советот за безбедност на ОН, и го привлекува вниманието на прашањата за легитимитетот, функционалноста, ефикасноста, инклузивноста, застапеноста и управувањето со Обединетите нации.
Книгата содржи и предлози за преструктуирање на ОН, во чиј контекст се препорачува имплементација на перспективата на Ердоган „Светот е поголем од пет“ и се фокусира на промена на структурата на Советот за безбедност на ОН.
Во книгата се наведува дека реорганизирањето на Советот на начин што ќе ги претставува континентите, религиите, потеклото и културата на најфер можен начин, ќе биде револуционерен чекор кон решавање и воспоставување глобален мир. Во овој контекст, се предлага бројот на постојани членки на Советот за безбедност да биде 20 наместо 5.
Книгата, исто така, укажува на потребата за зголемени овластувања на Генералното собрание и потребата да се воспостави рамнотежа во која Советот за безбедност ќе одговара пред Генералното собрание и како алтернативно решение предлага Генералното собрание да избере 20 земји кои би биле членки на Советот.
Книгата на Реџеп Таип Ердоган ја објави издавачката куќа „Тукуаз Китап“, и е преведена на англиски, арапски, француски, руски и шпански, а сите пари од нејзината продажба ќе бидат донирани на Управата за вонредни состојби на Република Турција (АФАД).