İlkay Guder
19 Октомври 2016•Ажурирај: 20 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во претседателската палата на 28. состанок на старешини на села, им се обрати на старешините од подрачјата на Батман, Бинѓол, Бурдур, Ерзинџан, Газиантеп, Гиресун, Кајсери, Конја, Измир, Маниса, Османије, Сакарја, Сивас, Шанлиурфа, Јозгат и Зонгулдак, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган истакна: „Доколку се свртите наназад, ќе видите една многу голема држава и држава со голема историја“.
„Во ослободителната војна, основна цел ни беше сочувување на нашите граници во рамките на Мисак-и Милли (одлуката на последниот османлиски Парламент во 1920 година за безбедноста и развојот на земјата во иднина, според усвоената политика на конгресите во Ерзурум и во Сивас за единството на турската нација и територијалниот интегритет на земјата). За жал, ниту од запад, ниту од југ не успеавме да ги заштитиме границите зацртани според Мисак-и Милли. Некои се обидуваат тоа да го оправдаат поради тогашните услови. Тоа донекаде е оправдано. Признавањето дека тоа се случило поради условите што тогаш владееле, прифаќањето на таквата ситуација значи дека целосно сме затворени во кажаната школка. Ние всушност не го прифаќаме таквиот пристап. Целта на овој магепсан круг во кој Турција е затворена уште од 1923 година е да се запостави и да се заборави илјадагодишното наше постоење на овие простори и нашата историја на Селџуци и Османлии“.
- „Нема да чекаме терористичките организации да дојдат и да нѐ нападнат“
Претседателот Ердоган понатаму рече дека увидел оти сѐ додека некој проблем не тропне на вратата, сѐ додека ножот не стигне до коска, не се преземаат никакви активности.
„Доколку бидете внимателни, ќе видите дека никој напразно не тропа на врата. Воопшто немавме период во кој можевме да дишеме слободно и во секој период плаќавме одредена цена“, додаде претседателот Ердоган.
Тој рече дека Турција ја напуштила таа политика и истакна дека повеќе не сакаат да ја плаќаат цената.
„По ова, нема да чекаме проблемот да тропне на врата, по ова нема да бидеме трпеливи ножот да стигне до коската. Отсега ние ќе тргнеме кон надминувањето на проблемите. Имаме проблем со тероризмот? Тогаш нема да чекаме терористичките организации да дојдат и да нѐ нападнат. Овие организации, каде и да ги покажуваат своите активности, каде и да се скриваат, ќе се искачиме на сите ридови и планини“, рече Ердоган.
- „Во оваа земја нема место за ниту еден терорист“
„Ќе ги искорениме сите оние што ја поддржуваат сепаратистичката организација и сите оние што им овозможуваат да опстанат. Уште од сега напоменувам, нека си заминат каде знаат пред ние да ги најдеме и да ги уништиме. Истото важи и за местата во странство во кои се засолнуваат. Нема да имаат мир ни таму“, рече турскиот претседател Ердоган понатаму во своето обраќање.
Во врска со борбата против организацијата ФЕТО, претседателот Ердоган изјави:
„Водиме борба со ФЕТО, со неговата предавничка група во државните институции, невладиниот сектор, во бизнисот. Ги следиме сите, постепено, чекор по чекор. Во оваа земја повеќе ничие предавство нема да помине неказнето. Во оваа земја нема место за ниту една терористичка организација, ниту на еден терорист на овие простори. Или ќе бидат уништени, или ќе се предадат или ќе си заминат“.
- „Посакуваат Турција мирно да гледа што се случува“.
„Оние што го попречуваат учеството на Турција во операциите за Мосул се оние кои се незадоволни што Турција им ги расипа игрите во Сирија. Тие сакаат Турција дa стои настрана, да го следи развојот на настаните и на крајот да го плати делот од сметката што ѝ припаѓа“.
„Ние кои имаме 911 километри граница со Сирија и 350 километри граница со Ирак, ќе бидеме изолирани од настаните, додека оние што немаат ниту заедничка граница, ќе сечат, ќе кројат, ќе прават што сакаат и на крајот и оделото ќе го сошијат. Нема такво нешто. Овој наш став нема врска ниту со желбата за војна, ниту пак нарушување на независноста на Ирак, ниту пак со некои други задни намери. Ние за заштита на нашата независност и иднина ќе напредуваме онаму каде што тоа ќе биде потребно. Во моментов тоа е Мосул. Тогаш ние ќе бидеме во Мосул“, рече турскиот претседател Ердоган.
За однесувањето на раководството на Ирак и за барањето за повлекување од ирачката територија, претседателот на Турција, Ердоган рече: „Ирачко раководство, нели Турција беше онаа што овозможи вам да ви олесни откако ги отвори своите врати за 300.000 Ирачани? Останатите не го направија тоа, ние го направивме. Затоа, кога ќе ѝ префрлите некој збор на Турција, кога ќе кажете некој збор за Турција, тоа треба да го помислите. Ваков пријател не можете да најдете, но доколку на овој начин го навредувате, ќе го загубите. Затоа со денови велам: ние ќе бидеме и на теренот и на преговарачката маса“.