ИСТАНБУЛ
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во обраќањето преку видеоконференција на церемонијата за завршувањето на работите на проектот на метро линијата Гајреттепе - Кагитхане - Аеродром „Истанбул“ истакна дека со воведувањето на оваа метро линија целосно ќе биде решен сообраќајниот проблем на Аеродромот „Истанбул“, јавува Агенција Анадолија ( АА).
„Со оваа метро линија, која го поврзува Аеродромот Истанбул со центарот на градот, дополнително ќе ја зајакнеме посебноста на Истанбул како светска метропола“, рече Ердоган, и на самиот почеток на обраќањето им го честита и Денот на мајките на сите мајки, додавајќи дека треба да им се посвети посебно внимание и љубов затоа што тие го заслужуваат тоа.
Истакна дека Турција, како и претходните години, ќе продолжи со реализацијата на бројни проекти на патот кон напредокот на земјата.
„Без запирање, коронавирусот и сличните работи нема да нè спречат. Ние ќе продолжиме на нашиот пат со истата желба и одлучност. Во време на пандемијата на коронавирусот, кога дури и развиените земји се немоќни, Турција им пружа помош и поддршка на другите“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на посебноста на градот Истанбул, напоменувајќи дека неговите жители ги заслужуваат најдобрите можни услуги.
„Никој кој не верува во силата и потенцијалот на Истанбул не треба да има можност да ги обезбедува услугите што ги заслужува овој град. Истанбул очекува услуга, а не изговори. Истанбул не е само еден град. За да се сфати значењето на овој град, не е доволно само со очите да се види неговата силуета. Но, ако го погледнете со сето срце, дури тогаш можете да го сфатите овој град“, рече турскиот претседател и додаде:
„Во служба на овој град сме веќе 40 години. Како негов градоначалник, а потоа и како премиер и претседател на земјата од 1994 година, се обидувам да го подигнам Истанбул на нивото што го заслужува“, рече Ердоган.
Тој потсети дека властите на Република Турција паралелно градат две големи болници во комплексот на Аеродромот „Ататурк“ и во дистриктот Санџактепе во Истанбул.
„Оние што ќе доаѓаат овде од странство заради здравствен туризам, ќе доаѓаат со авиони, со авиони на брзата помош, а по успешното лекување убаво ќе ги испратиме назад“, додаде Ердоган.
На крајот истакна дека е задоволен од мерките што ги преземаат турските власти во борбата против коронавирусот, додавајќи дека верува оти Турција наскоро ќе ја победи пандемијата.
„Веруваме дека ако сите заедно ги почитуваме мерките, ќе ја надминеме оваа состојба предизвикана од коронавирусот побрзо од другите земји“, рече Ердоган.