Enes Kaplan
06 Јануари 2020•Ажурирај: 07 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека со успешната работа на Турската разузнавачка служба (МИТ), Турција постигна можност да дејствува во секое место во светот и дека целосно ги исполнува своите обврски во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган денеска се обрати на свеченото отворање на новиот комплекс на Турската разузнавачка служба МИТ наречен „КАЛЕ“ во Анкара.
Истакнувајќи дека Турција и светот поминуваат низ критичен процес, Ердоган рече дека поддршката од МИТ е потребна повеќе од кога било.
Посочи дека секој инцидент во Ирак има директни или индиректни последици за Турција: „Поради регионалните сојузи против нашата земја во Источниот Медитеран и поради борбата за надмоќ, [МИТ] има витално значење за нашата блиска иднина. Не можеме да седиме со скрстени раце пред сложената и променлива слика предизвикана од конкуренцијата на регионалните и глобалните сили во нашето опкружување. Мораме да го развиеме својот план на дејствување и да го спроведеме.“
Претседателот Ердоган, подвлекувајќи дека со успешната работа на Турската разузнавачка служба (МИТ), Турција постигна можност да дејствува во секое место во светот, рече:
„Нашата служба од неодамна спроведе операции против раководството на терористичката организација ПКК во северен Ирак. По добивањето информации од разузнавачките служби, операциите беа изведени со беспилотни летала, со што терористичката организација претрпе големи загуби. Тоа е многу важно во однос на прикажувањето на нивото на достигнувања на нашата земја, истовремено да ги користи технологијата и разузнавачките информации. Нашата служба го реши и комуникацискиот систем „БајЛок“ на терористичката организација ФЕТО и неговата внатрешна структура. И со тоа помогна во расчистувањето на овој голем проблем од државниот систем. Со нејзините напори голем број припадници на ФЕТО беа вратени во нашата земја.“
„Улогата што ја одигра МИТ во осветлувањето на убиството на саудискиот новинар Џемал Кашоги е извонредна“, рече Ердоган, додавајќи дека МИТ исто така спроведува многу добри задачи во конфликтните зони, каде што го подготвува теренот пред безбедносните сили да започнат со нивните активности.
„Нашата служба одигра активна улога на теренот, особено од првиот ден на сириската криза, и вложи големи напори за успех на нашите прекугранични операции. Исто така, сега ги исполнува своите обврски во Либија. Искрено верувам дека ќе продолжите да ги браните интересите на нашата држава и нација во секоја географска област, без оглед на границите, растојанијата и пречките“, нагласи Ердоган.
Тој истакна дека е формиран Национален координативен одбор, и дека во наредниот период се има за цел формирање на поактивна разузнавачка структура.
„Неизбежно е дека [МИТ] ќе мора да се фокусира повеќе на киберпросторот во време кога интернетот ефикасно се користи од терористи и шпиони. Во наредниот период имаме за цел поактивна разузнавачка структура, од технички аспект и од аспект на киберразузнавање, која ќе може да спроведува повеќе тајни активности во странство“, нагласи Ердоган.