Diyar Güldoğan
22 Октомври 2022•Ажурирај: 23 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека е разоткриено дека францускиот производител на цемент „Лафарж“ е една од најважните институции кои го поддржуваат тероризмот, известува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган вчера им се обрати на учесниците на Конференцијата на министри за информации на Организацијата за исламска соработка (ОИС) и истакна дека милиони луѓе низ светот денес патат поради лажните и искривени вести и додаде дека е неопходна одлучна борба против таквите појави.
Ердоган рече и дека диверзификацијата на изворите на вести и зголемената вклученост на медиумите, особено на социјалните мрежи во секојдневниот живот, носат многу предности, но и витални ризици.
„Загадувањето на информациите и дезинформациите се најголеми меѓу тие закани“, истакна Ердоган.
Претседателот на Туркије ја коментираше и пресудата за француската компанија „Лафарж“ за нејзината поддршка на терористичките групи. Американскиот суд во вторникот ѝ изрече на „Лафарж“ казна од 778 милиони долари поради поддршката на неколку терористички групи во Сирија во 2013 и 2014 година, вклучувајќи ја тука и поддршката на терористичката организација ДЕАШ.
„Кога реков дека францускиот цементен гигант, наречен „Лафарж“, поддржува и помага терористички организации во северниот дел на Сирија, Французите не го разбраа тоа. Тоа му го реков и на францускиот претседател Емануел Макрон. Сега во францускиот Парламент побараа Макрон да поднесе извештај за Лафарж“, рече Ердоган.
Турскиот лидер синоќа рече и дека „Лафарж“ станал едно од најважните прашања на дневниот ред во Франција и дека е разоткриен и претставен како една од најважните институции кои го поддржуваат тероризмот.
Ердоган рече дека Туркије е единствена држава која се бори против терористичката група ДЕАШ на терен, но дека и покрај тоа, таа е подложна на неморални обвинувања.
„Денес со докази и судски одлуки еден по еден се откриваат оние кои до вчера нè клеветеа, работеа заедно со ДЕАШ, тргуваа и префрлуваа милиони евра на терористите“, посочи Ердоган.