Burcu Arik
01 Декември 2017•Ажурирај: 02 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Sвоната на Железната црква во Истанбул, покрај брегот на Златниот рог, повторно ќе заѕвонат во јануари следната година, по седумгодишната реставрација, јавува Anadolu Agency (AA).
Бугарската црква Свети Стефан, позната како единствената целосно преживеана железна црква, датира од 19. век. Беше изградена за две години и отворена во 1898 година во Балат, стариот еврејски дел од европската страна на градот Истанбул.
Железната црква е блиску до грчката православна патријаршија во истанбулското подрачје Фенер.
Црквата во нео-готски стил ќе биде повторно отворена на 7 јануари, со пригодна свеченост на којашто ќе присуствува и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, заедно со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Во разговор за Anadolu Agency (AA), Васил Лијазе, претседател на фондацијата на Бугарската православна црква, рече дека во светот се изградени само три префабрикувани (монтажни) железни цркви, кои се наоѓаат во Аргентина, Австрија и во Турција.
„Црквите во Аргентина и во Австрија се уништени од забот на времето, само железната црква во Балат сè уште стои и до ден-денес", рече Лијазе.
- Историја на Железната црква
Лијазе истакна дека монтажните делови со тежина од околу 500 тони биле испратени во Истанбул со мали товарни бродови од Виена, преку Дунав, Босфорот и Златниот Рог.
Нејзиниот архитект, Ерменецот Ховсеп Азнавур, победи на натпреварот за дизајн организиран од тогашните бугарски власти. Конструктор на црквата беше Рудолф фон Вагнер од Виена.
Лијазе истакна дека компонентите на комплексот, целосно изграден од железо, се споени на море. „Во Бразил постои дрво кое вирее во вода. Црквата е изградена на ваков вид дрво и е отворена во 1898 година“, рече тој.
Бидејќи зданието првично е сместено на море, корозијата го оштети металот.
Пред реставрацијата, пред 14 години беше лансиран уште еден проект за зајакнување на околината со бетон, со цел да се спречи пропаѓањето на зградата
- Идентична на оригиналот
Лијазе истакна дека Реџеп Таип Ердоган ја иницирал реставрацијата по барање на бугарското малцинство во градот.
„Тој [Ердоган] веќе ни помогна кога беше градоначалник на Истанбул. Ние сме и соседи. Тој е од Касимпаша, ние сме од Балат. Го замоливме пред околу 8-9 години, и тој нареди реставрација на црквата“, рече Лијазе.
Тој истакна дека секој дел, до најситните детали, бил расклопен, поправен, а потоа вратен на своето првобитно место.
„Сите главни столбови беа сменети и Железната црква е направена да трае повеќе од 100 години. Сигурни сме дека таа ќе биде избрана како најубава црква во Истанбул“, рече Лијазе.
Градот Истанбул ја финансираше реставрацијата, која чини 16 милиони турски лири (околу 4 милиони долари). Бугарската Влада, исто така, придонесе со еден милион турски лири (околу 253.000 долари) за проектот.
„Изгледа идентично како оригиналната црква“, рече Лијазе, додавајќи дека најмалку илјада луѓе од Бугарија ќе присуствуваат на церемонијата, на отворањето во јануари.
Околу 3.000 луѓе месечно ја посетуваа црквата пред да ги затвори вратите поради реставрацијата. Според Лијазе, бројот на посетителите нема да биде под 5.000 месечно откако ќе биде повторно отворена.
Реставрацијата беше направена според принципот на реципроцитет меѓу државите, бугарската Влада даде дозвола за реставрација на џамијата Џума во Пловдив, а турската Влада овозможи реставрација на Железната црква.
Како центар на неколку религии, Истанбул е град со многу храмови за богослужба, вклучувајќи џамии, цркви и синагоги.