Beril Çanakcı
19 Ноември 2024•Ажурирај: 20 Ноември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) – На 2 декември во Истанбул ќе започне „II. Симпозиум за авторски права и вештачка интелигенција во медиумите“, организиран од Анадолу и Универзитетот Богазичи со поддршка од Министерството за култура и туризам на Туркије, јавува Анадолу.
Настанот ќе се одржи во „Алберт Лонг Хол“ во јужниот кампус на Универзитетот Богазичи, каде што на едно место ќе се соберат професионалци од медиумите, правни експерти, академската фела и експерти за технологија за да разговараат за справување со предизвиците што ги носи дигитализацијата во медиумскиот сектор.
Клучните дискусии ќе се фокусираат на влијанието на дигиталната трансформација врз авторските права и ќе ги испитаат можностите и ризиците поврзани со интегрирањето на вештачката интелигенција во продукцијата на вести.
Сесиите ќе вклучуваат искуства од земјите членки со Директивата на ЕУ за единствен дигитален пазар, напорите на Туркије за справување со кризата со авторските права во новинарството предизвикана од дигитализацијата и триаголникот вештачка интелигенција-медиуми-авторски права во продуцирањето на вести.
На Симпозиумот ќе присуствуваат истакнати говорници од Туркије и светот меѓу кои главниот говорник проф. д-р Хенинг Гросе Русе-Кан од Универзитетот Кембриџ, д-р Валентина Москон од Институтот Макс Планк, д-р Озгур Арикан од Универзитетот Богазичи и Џулија Ли Гречи, правен директор во АНСА.
Новинари, медиумски професионалци, правни експерти, претставници на академската фела, експерти за вештачка интелигенција и технологија, издавачи и менаџери на медиуми се поканети да се пријават за Симпозиумот преку линкот за регистрација.