Ahmet Sait Akçay
04 Јануари 2017•Ажурирај: 05 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот вицепремиер Нуман Куртулмуш денес изјави дека додека земјите од регионот, како што се Сирија и Ирак страдаат, Блискиот Исток сега се наоѓа во средината на „втората фаза“ од озлогласениот Договор Сајкс-Пико, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сликата е мошне јасна и препознатлива. По 100 години, земјите-потписнички на договорот Сајкс-Пико, кои победија во Првата светска војна, преку создавање земји со вештачки граници и прераспределување на политичкиот поредок, за жал успеаја и сега ја планираат втората фаза од договорот“, изјави Нуман Куртулмуш на церемонијата за потпишување соработка меѓу Anadolu Agency и синдикатот на медиумски работници Медија - ИШ во Анкара.
Во врска со терористичките напади и случувањата поврзани со нив во земјата и во странство, како што е нападот на новогодишната ноќ во ноќниот клуб „Реина“ во Истанбул, Куртулмуш рече: „Сите терористички напади се дел од ‘големата слика’. Ако не го увидите тоа, не можете да ги сфатите терористичките напади. Во спротивно, сите терористички напади остануваат само криминални случаи.
Турција е единствената земја што нема да дозволи оваа ,голема слика’ да се реализира. Со оглед на тоа што ја разбира таа слика“.
Тој рече дека во втората фаза се обидуваат да посеат повеќе регионални кризи и нестабилност. „Не постои никаква разлика меѓу инцидентите во Мосул, Ирак или во Алепо, од Сирија од политиката на (копање) ровови во југоисточниот дел на Турција или терористичкиот напад во ‘Реина’“, додаде Куртулмуш.
„Турција ja води мировната перспектива во регионот. Турција дава сè од себе за на крајот да се постигне консензус меѓу сирискиот режим и опозицијата“, рече тој.
Во однос на неодамна подобрените односи на Турција со Русија, Куртулмуш истакна: „Во врска со тоа, Турција и Русија се наоѓаат во процес на значајно политичко зближување, а тоа ќе вроди со резултати и покрај какви било провокации“.
Потпишан во 1916 година, Договорот Сајкс-Пико ја постави британската и француската сфера на влијание на Блискиот Исток по Првата светска војна.
Тајните преговори коишто доведоа до договорот – одржани меѓу францускиот дипломат Франсоа Жорж-Пико и британскиот дипломат Марк Сајкс – наскоро беа откриени од страна на комунистите, откако дојдоа на власт во Русија во 1917 година.
Според Договорот, плодната полумесечина беше поделена помеѓу двете европски сили, односно Сирија и Либан ѝ припаднаа на Франција, а пак историската Палестина (вклучувајќи ја и територијата на денешен Јордан) ѝ припаднаа на Британија.
Ирак беше поделен меѓу двете сили, Багдад и Басра ѝ припаднаа на Велика Британија, а Мосул на Франција.