Duygu Alhan,Zeynep Beyza Kılıç
02 Септември 2023•Ажурирај: 04 Септември 2023
АНКАРА (АА) - Производството на електрична енергија од првата нуклеарна централа во Туркије би можело да се случи побрзо од првично планираното, изјави за Анадолу заменик-директорот за изградба на нуклеарната централа Акују, Дмитриј Романец, на најголемиот настан од областа на технологијата и аеровоздухопловството во земјата, ТЕХНОФЕСТ.
Нуклеарната централа Акују, лоцирана во округот Ѓулнар во Мерсин, ќе има капацитет за производство на енергија од 35 милијарди киловат-часови по завршувањето на сите четири единици.
Според меѓувладиниот договор меѓу Туркије и Русија, се очекува првата единица да започне со производство на електрична енергија во 2025 година, седум години по добивањето на дозвола за градба за првата енергетска единица.
Романец изјави дека работат на забрзување на временската рамка во границите на безбедносните прописи.
„За првата единица, до крајот на годината ќе заврши инсталацијата на технолошката опрема и останатата опрема во објектите кај турбината и пумпите“, рече Романец и додаде дека следната фаза ќе биде да се започне со производство на електрична енергија преку првата единица.
По инсталирањето на технолошката опрема, „ќе продолжиме кон фазата на стартување и пуштање во употреба на првата единица“, рече тој.
На следните три единици истовремено се изведуваат различни фази на изградба, нагласи Романец.
Откако ќе биде активна првата единица, секоја наредна година функционална ќе станува по една од преостанатите единици, додаде тој.
Романец рече дека во Туркије е креирана нова индустрија за време на изградбата на нуклеарната централа Акују.
„Турските производители сега се во позиција да ги направат материјалите потребни за нуклеарните централи, не да се користат само во Туркије, туку и за извоз во странство“, нагласи тој.
Наведувајќи дека енергијата произведена од нуклеарна централа е стабилна, чиста и еколошка, Романец рече: „Со оглед на овие важни прашања, сметам дека на Туркије и треба втора и трета нуклеарна централа. Се разбира, ова е мое лично мислење. Би сакал да изградиме и втора и трета електрана во Туркије“.
Романец истакна дека неколку фактори, меѓу кои и сеизмичкото истражување, биле земени предвид при изборот на локацијата за првата нуклеарна централа Акују во Туркије. Рече дека како резултат на овие истражувања произлегле голем број извештаи.
Посочувајќи дека ТЕХНОФЕСТ е добро место за претставување на нуклеарната енергија, Романец рече: „Оние кои работат во нуклеарната индустрија се посветени на својата професија. Приказната за некои од оние кои ја избрале оваа професија започнува уште во нивното детство. Знаејќи ја важноста на ова организираме тури, особено за деца, до подрачјето на Акују.“