ЧАНАККАЛЕ (АА) – Во Туркије денес се одбележа 108-годишнината од копнената Битка за Чанаккале, а во Австралија и Нов Зеланд се одбележува Денот на Анзак, јавува Анадолу.
Во Европа позната и како Битката кај Галиполе, таа е една од најкрвавите и најжестоките битки во Првата светска војна, а според многу показатели и во историјата воопшто.
Поморската битка се одвиваше помеѓу 3 ноември 1914 година и 18 март 1915 година, додека копнената битка траеше од 25 април 1915 година до 9 јануари 1916 година. Тоа се битките кои заземаат најзначајно место во историјата на Туркије и пошироко.
На денешен ден во 1915 година, девет месеци по почетокот на Првата светска војна, сојузничките војници дојдоа на брегот на Галиполи со намера да го отворат теснецот Чанаккале за продор на сојузничката флота за напад на Истанбул. Меѓутоа, сојузничките сили наидоа на силен и храбар отпор на Турците и не успеаја во својата намера.
Селото Анзак, каде што традиционално одбележува годишнината од копнената битка, всушност е акроним кој трајно потсетува на учеството на австралиската и новозеландската војска во таа битка.
Речиси 2.000 Австралијци и Новозеланѓани пристигнаа во Туркије и присуствуваа на традиционалното бдеење кај Галиполе.
Многу од присутните ја поминаа ноќта на самото место во вреќи за спиење и ќебиња на студот, чекајќи да започне церемонијата додека гледаа документарни филмови и интервјуа за Битката кај Чанаккале за време на Првата светска војна.
Во програмата што започна во зори, австралискиот министер за ветерани, Мет Кеог, и министерот за одбрана на Нов Зеланд, Ендрју Литл, одржаа говори за значењето на денот.
Беше прочитано и познатото писмо на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Туркије, до семејствата на странските војници кои ги загубија животите во битката.
Во осуммесечните борби загинаа над 44.000 британски, ирски, француски, австралиски, новозеландски, индиски и канадски војници, како и речиси 87.000 османлиски војници.
Денот се одбележува и во Австралија и Нов Зеланд како Ден на Анзак, а Галиполи се смета за еден од најважните настани што ги воведе двете земји кон националноста.
Битката, исто така, создаде врски меѓу Туркије, која се појави како модерна држава набргу по војната, и тие земји.
- „Поврзаноста на Новозеланѓаните со Галиполи е многу силна“ -
За Анадолу, Ендрју Литл, министерот за одбрана на Нов Зеланд, рече дека Денот на АНЗАК е важен за неговата земја.
„Многу Новозеланѓани дојдоа да се борат овде во Галиполи, а многумина загинаа и останаа овде и тоа беше многу важно за семејствата во Нов Зеланд.“
„Тоа е исто така време кога Австралијците и Новозеланѓаните создадоа врска, и тоа продолжува до ден-денес. Така, поврзаноста и искуствата на Новозеланѓаните со Галиполи се многу силни.“
Тој рече дека се чувствуваат добредојдени кога ќе дојдат во Галиполи, додавајќи дека дипломатските и трговските врски меѓу Туркије и Нов Зеланд стануваат сè посилни.
Мет Кеог, шефот за прашања на австралиските ветерани, рече дека е привилегија да се биде во Галиполи и упати сочувство и добри желби до турските граѓани погодени од големите земјотреси од 6 февруари, што однесоа над 50.000 животи.
„Не дојдовме тука да ја величаме војната. Дојдовме да ја покажеме нашата почит, да им оддадеме почит на оние кои ги жртвуваа своите животи, своите нозе, раце, умови и души во војната“, објасни тој.
Крис Кол, сегашен припадник на британската Армија, изјави дека мигрирал во Нов Зеланд пред 40 години и оттогаш се интересира за Анзак.
„Беше прекрасен ден за мене да го разберам пријателството меѓу Туркије, Австралија и Нов Зеланд. Тоа беше една од најубавите церемонии што сум ги видел.“
news_share_descriptionsubscription_contact
