Gözde Bayar
27 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Турските вооружени сили се целосно подготвени за нивно евентуално распоредување во Либија доколку е потребно, соопшти денеска турското Министерство за одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турската војска е подготвена да служи во рамките на Турција и надвор од неа“, изјави пред новинарите во Анкара портпаролката на Министерството, Надиде Шебнем Актоп.
Вчера, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Турција ќе ѝ даде поддршка на либиската Влада за национално единство, признаена од ОН, која се бори против силите на воениот командант Калифа Хафтар, со седиште во источниот дел на Либија.
На 27 ноември Анкара и Триполи потпишаа два различни меморандума - еден за воена соработка и друг за поморските граници на државите во Источниот Медитеран.
Во однос на договорот за воена соработка, Ердоган истакна дека Турција може да земе предвид испраќање трупи во Сирија, доколку либиската Влада за национално единство го побара тоа.
Од соборувањето на починатиот лидер Гадафи во 2011 година, во Либија се појавија две седишта на моќ: едно во источна Либија поддржано главно од Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), и Владата на национално единство со седиште во главниот град Триполи, која ужива поддршка на ОН и меѓународно е признаена.
По повод годишниот извештај на Министерството за постигнувањата во изминатата година, Актоп соопшти дека над 580.000 Сиријци доброволно се вратиле во подрачјата во Сирија расчистени од терористи со операциите раководени од страна на Турција.
Од 2016 година Турција спроведе три успешни операции во северна Сирија против терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ: операцијата „Штитот на Еуфрат“ (2016-2017), операцијата „Маслинова гранка“ (2018) и операцијата „Извор на мирот“ (2019).
Актоп додаде дека во 2019 година неутрализирани се вкупно 1.789 терористи на ЈПГ/ПКК, од кои 255 се предале во и надвор од границите на Турција.
Турските безбедносни сили изведоа 150 операции за пронаоѓање на засолништата на терористите на ЈПГ/ПКК во и надвор од турските граници.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
„Од неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Турција од страна на терористичката организација ФЕТО, вкупно 18.630 лица се отпуштени од работа, а 982 лица пензиониран воен персонал се одземени чиновите поради поврзаност со ФЕТО“, истакна Актоп.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој живее во САД, го организираа неуспешниот пуч на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање на своите припадници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.