Mehmet Tosun
12 Јули 2019•Ажурирај: 13 Јули 2019
АНКАРА
Борбата на граѓаните на Турција кои ноќта, на 15 јули 2016 година, голораки застанаа пред тенковите на пучистите припадници на терористичката организација ФЕТО, забележана е на досега помалку познати фотографии на Anadolu Agency (AA), кои ќе бидат прикажани на изложбите по повод „15 јули, Денот на демократијата и националното единство“.
На фотографиите се забележани моментите во кои граѓаните го спречуваат минувањето на оклопните возила со пучисти во Анкара и Истанбул, како и моментите на преземањето на контролата над тие оклопни возила и разоружувањето на пучистите.
Фотографиите се снимени пред Претседателската палата во Анкара, на централните плоштади во турската престолнина, како и пред зградата на Големото народно собрание на Република Турција и Генералштабот. Во Истанбул фотографиите се снимени на мостот „Шехиди од 15 јули“, плоштадот „Таксим“ и Меѓународниот аеродром „Ататурк“.
Граѓаните на повик на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, излегоа на улица и успеаја да ги запрат пучистите на ФЕТО, кои се обидоа да ја преземат контролата над клучните институции и да ја соборат демократски избраната власт.
Ноќта за време на обидот за пуч убиени се 251, а ранети се повеќе од 2.000 лица.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, а чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Членовите на терористичката организација со години местејќи ги испитите, напредуваа во службите, инфилтрирајќи се на тој начин и во државните институции. Потоа, прво во декември 2013 година, низ наместени судски процеси, под обвинение за наводна корупција, членовите на ФЕТО во Турција се обидоа да процесираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули офицерите на турската Војска приврзани на таа терористичка организација организираа пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја каде што е активна, на што во повеќе наврати укажуваа и турските официјални лица.