İzzet Mazı
14 Август 2021•Ажурирај: 16 Август 2021
КАХРАМАНМАРАШ
Се урна авион на Генералната дирекција за шумарство на Турција, што се користеше за гаснењето на пожарите во Кахраманмараш. Во несреќата настрадаа пет руски и тројца турски членови на екипажот, а во тек е истрага за причините на несреќата, известува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за авион што Генералната дирекција за шумарство на Турција го изнајми од Русија, а авионот исчезна од радарот во текот на гаснењето на пожарот во Кахраманмараш.
На местото на несреќата испратени се бројни екипи на надлежните спасувачи служби.

Гувернерот на Кахраманмараш Омер Фарук Џошкун за АА изјави дека несреќата се случила во текот на гаснењето на пожарот што утрово избувнал како последица на удар на гром.
Канцеларијата на Гувернерството на Кахраманмараш дополнително информираше дека авионот се урнал на подрачјето на долината Кесик, при што никој од екипажот на авионот не ја преживеал несреќата.
За време на летот во авионот се наоѓале петмина руски и тројца турски членови на екипажот. Во соопштението се наведува дека авионот се урнал при обид да слета по операцијата на гаснењето на пожарот.
Be-200 е најголем амфибиски авион на светот и специјално е дизајниран за борба против пожари. Авионот е со носивост од 12 тони вода.

- Министерството за одбрана на Русија: Авионот „Be-200“ се урна при слетување
Руското Министерство за одбрана соопшти дека авионот „Be-200“, што се урна во Кахраманмараш, паднал при слетување по мисијата за гаснење пожар. Во соопштението се наведува дека во регионот е испратена екипа за да ја испита причината за несреќата, известува Агенција Анадолија (АА).
Руското Министерство за одбрана објави писмено соопштение во врска со падот на авионот за гаснење пожар, што го користеше службата на Генералната дирекција за шумарство во Кахраманмараш.
Во соопштението се вели: „Авионот Be-200 се урна при слетување во близина на Адана. Испратена е екипа на местото на несреќата за да ја испита причината за несреќата. Во авионот Be-200 имаше 5 офицери на руската Армија и 3 турски претставници.“