Sümeyye Dilara Dinçer
26 Јануари 2023•Ажурирај: 27 Јануари 2023
АНКАРА (АА) – Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, по повод тврдењата на поранешниот американски колега Мајк Помпео за Туркије во неговите мемоари, изјави дека со дипломатски јазик може да се каже дека има многу невистинити информации, кои може да се наречат и лаги, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу одговараше на прашања на новинарите на заедничката прес-конференција со тајландскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Дон Прамудвинаи. Во таа пригода се осврна на наводите на Помпео во своите мемоари кои ги објави под наслов: "Never Give An Inch: Fighting for the America I Love" („Никогаш не препуштајте ниту инч: Борејќи се за Америка што ја сакам“).
„Што се однесува на нивната [американска] поддршка на тероризмот досега, тоа е сериозно кривично дело во Соединетите Американски Држави и мислам дека постојат сериозни дезинформации за да се избегне подложноста на правна постапка“, рече Чавушоглу, и додаде:
„Пред сѐ, постојат невистинити информации кои на дипломатски јазик можам така да ги наречам, можете да ги наречете и лаги. Има претерувања, има двојни стандарди.“
Чавушоглу наведе дека еден таков пример е и реченицата од книгата: „Видовме дека турската војска нема капацитет да ја порази ИСИС [ДЕАШ]“.
Нагласи дека турската војска е единствената НАТО-војска која гради в гради се бори против ДЕАШ.
„Елиминиравме над 4.500 терористи на ДЕАШ, како во Сирија, така и во Ирак. Додека ние ги елиминиравме терористите на ДЕАШ во Сирија или го чистевме северот на Сирија од терористите на ДЕАШ, САД за време на Помпео испраќаа припадници на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ во Авганистан, прво со автобуси до Рака, а потоа со авиони. Тие се одговорни за денешните терористички напади во Авганистан. Говорам за нападите на ДЕАШ и Ал Каеда. Значи, сите го видоа капацитетот на турската војска, втората по големина сила во НАТО. Турската војска е таа која исчисти подрачје од 8.000 квадратни километри од ПКК, ЈПГ и ДЕАШ за да ја поддржи територијалната целосност на Сирија“, истакна Чавушоглу.
Тој се осврна и на содржината што Помпео ја објави, а потоа ја избриша на својот твитер-профил, во врска со обидот за пуч на ФЕТО во 2016 година.
„Постои твит што [Помпео] го избриша таа вечер [во врска со 15 јули]. Од она што го напиша против нашиот претседател, разбираме дека го поддржал обидот за државен удар. Тоа е причината зошто го вознемирува видеото, на тие снимки се гледа како започна пучот и како турскиот народ го порази пучот. Мислам дека беше вознемирен од поразот на пучистите од турската нација“, рече Чаувшоглу.