Ekipa
04 Септември 2020•Ажурирај: 05 Септември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Постојат многу разлики меѓу Белград и Приштина, но ова е голем чекор напред, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти ги предводеа делегациите кои потпишаа договори со претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп вечерва во Белата куќа, во врска со економската соработка меѓу Србија и Косово.
Српскиот претседател изјави дека денес е постигнат билатерален договор со Соединетите Американски Држави (САД), а не трилатерален договор, што е многу важно за Србија бидејќи, како што рече, тоа значи дека Приштина не се споменува како субјект на меѓународното право.
Во изјавата за медиумите по потпишувањето на договорот во Белата куќа, Вучиќ нагласи дека нема точка десет во текстот на договорот, која предвидуваше реципрочно признавање. Тој рече дека Србија со САД потпишала 16 договори, како и Косово, но дека сите договори не се исти.
„Само за Србија е предвидено отворање на канцеларија на Фондот за развој на САД во Белград, а тоа го нема за Приштина или за кој било друг во регионот“, истакна Вучиќ.
Српскиот претседател додаде дека договорот предвидува Американците да ги надгледуваат важните проекти како што се изградбата на автопатот до Приштина, што ќе го олесни движењето на граѓаните. Понатаму, предвидена е изградба на железничка пруга со која ќе се поврзе Косово со Србија, но како што рече, преку Мердар, а не преку северот на Косово со што Србија не би имала контрола над железницата.
Вучиќ изјави дека косовските претставници сакале да се согласат на сè само во договорот за економска нормализација да остане точката 10, што се однесува на меѓусебното признавање. Нагласи дека тие биле и против формирање на мини Шенгенот со, како што рече, некои чудни образложенија, но дека сепак се обврзале дека ќе влезат во мини-Шенгенот.
Според зборовите на Вучиќ, важен е и договорот за заштита на верските објекти и Српската православна црква во Косово, како и гарантирање на спроведувањето на судските одлуки кои се однесуваат на Српската православна црква.
Истакна дека постигнат е договор за мораториум на барање на Косово за членството во меѓународните организации и за кампањата за повлекување на признавањата, којашто ја водеше Србија.
Вучиќ рече дека борба е водена и околу повикот на Израел да го признае Косово, што Србија го избегнала, па останало за тоа да се договорат Израел и Приштина, а во договорот стои и дека се осудува Хезболах.
Претходно Трамп истакна: „Белград и Приштина се посветени на економската нормализација“.
„Постигнат е продор кон економската соработка“, додаде американскиот претседател.
По состаноците во Вашингтон, делегациите на Србија и Косово патуваат за Брисел на понатамошни преговори.