Zülfiya Yakup
20 Јануари 2018•Ажурирај: 21 Јануари 2018
СЕВЕРНА МИТРОВИЦА (АА) - Српскиот претседател, Александар Вучиќ, по три часа разговор со српските официјални лица од Косово истакна дека за проблемите мора да се разговара, и дека никако не треба да се користи оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ на Техничкиот факултет зад затворени врати разговараше со претставниците на Србите како од власта така и од опозицијата. На прес-конференцијата, на која имаше дофрлања и од граѓаните дека им треба заштита и безбедност, Вучиќ наведе дека ситуацијата по страотното убиство на Оливер Ивановиќ е многу тешка, но дека на Србија најголем интерес и се мирот и опстанокот на Србите на своите огништа во Косово.
Тој рече дека разговарале за потребата од единство на Србите. Вучиќ повтори дека Србија барала да биде вклучена во истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ, но дека властите на Косово, кои имаат ефективна власт тука, не го дозволиле тоа. Повтори дека Србија ќе ги разменува сите информации со Приштина во врска со тој случај и дека очекува резултати од истрагата.
„За нас не е важно кое е името на убиецот и налогодавачот, без разлика дали тоа име е српско, албанско или на било кој странец. Какво и чие и да е, нема да прифаќам прерани решенија затоа што на некој тоа така му изгледа, затоа што тоа некој би го сакал така, бидејќи до тоа мора да се дојде со сеопфатна истрага и докази, а кон сторителите и налогодавачите нема да постои милост“, изјави Вучиќ.
Тој истакна дека српската политика е политиката на мирот со Албанците и дека не е важно што Албанците ќе користат за своите политички прилики.
„Ве молиме да не оставите да не користиме никакво оружје, да пробаме работите да ги решаваме со политика и разговори. Милион пати е подобро да зборувам јас со Тачи, да не знам кој разговара со Харадинај, отколку еден куршум да биде испукан било каде“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател рече дека на состанокот со официјалните лица се изнесени голем број на стравови на косовските Срби, од страв од упад на Албанците од јужниот во северна дел од Косово, до конфликти во српската заедница, и дека е разговарано за тоа што може Белград да стори за заштита на Србите во Косово, не влегувајќи во ингеренциите на полицијата на Косово.
Од Митровица, Вучиќ отиде во Грачаница и Лапље село каде ќе разговара со Србите од централно Косово.