НОВИ САД
Петроварадинската тврдина е една од туристичките атракции на Нови Сад, со бројни знаменитости. Освен погледот кон Нови Сад од платото, тука се и таканаречениот „пијан саат“ на кој малата стрелка ги покажува минутите, а големата часовите, Титовите салони, бројни уметнички ателјеа, 16 километри подземни воени галерии од кои само мал дел е прооден, а во една просторија во подножјето на оваа тврдината, стара преку три века, се наоѓа ковачка работилница во која работи Андреа Пап Лукаши, единствена жена ковач во Србија. Со овој стар занает се занимава од 15 години, а љубовта кон ковачкиот занает ја развивала заедно со татко ѝ од мали нозе. Денес официјално е единствената регистрирана жена ковач во Србија.
Андреа е сопруга и мајка на две деца и е горда на својата умешност што ја развила во ковачкиот занает. Таа ја дочека екипата на Агенција Анадолија (АА) во работен комбинезон на работната маса на која изработува посебни шрафови. Стариот занает често бара и нестандардни формати кои не можат да се најдат во специјализираните продавници, но и креативен пристап особено кога се работи за реставрациската работа на која работела заедно со нејзиниот татко Лајоша.
„Мојот татко ја работи оваа работа веќе 50 години. Кога се родив престојувавме само овде во овој простор, кој сега е работилница, а главната работилница беше оддалечена неколку метри оттука. Таа и денес се наоѓа таму. Тој работеше таму, а сестра ми и јас пораснавме со него, гледајќи го како работи и учевме од него“, наведува Андреа во разговор за АА.
По образование е сообраќаен техничар, но не се вработила по струка. По завршувањето на училиштето работела некое време во бутик, но кога останала без работа нејзиниот татко ѝ понудил да му се придружи во работилницата и таа се согласила додека не најде нешто што повеќе ќе ѝ се допаѓа.
„И ете ме веќе 15 години во оваа работа“, објаснува нашата соговорничка.
Работат огради, капии и украси од ковано железо. Поради тоа најмногу работа имаат кога станува збор за заштитата на културните добра, односно уредување на старите згради, било да се работи на ограда за тераса на стара зграда во центарот на градот или да се работи за огради околу цркви и стари објекти, како што се дворци или украсни детали како окови на вратите од Капелата на мирот во Сремски Карловци, место каде што во 1699 година е потпишан Карловачкиот мир помеѓу Австрија и Отоманската Империја, со што е ставен крај на долгогодишната крвава војна меѓу двете држави. Исто така, и бројните часовници на кулите се во нивна надлежност, бидејќи се работи за делови од часовник што треба посебно да се изработат. Таа работа ги однесе дури до Херцег Нови.
Но во Сремски Карловци досега биле најмногу ангажирани затоа што тоа е центар на српската духовност и култура од 17 до 19 век и има многу објекти за чие одржување е неопходно знаењето на ковачот. Но не се само ангажирани за такви работи.
„Има луѓе кои сакаат кована ограда, па нарачуваат од нас. Кој е спремен да плати, знае дека тоа е квалитет. Тоа се огради од полн материјал, ретко кога се вари, се работи рачно, со традиционални ковачки методи и ќе трае најмалку еден век. А сопственикот има за задача само таа ограда периодично да ја исфарба“, наведува Андреа.
Ковачките работи подразбираат оган, наковална, чекан, но и познавање на други занаети како браварија или стругање. Но и имагинација. Андреа наведува дека во една прилика на реконструкција на оградата на православната Алмашка црква, најстарата новосадска црква, морале да го изработат целосно уништениот надвратник. Бидејќи немале фотографија од оградата, морале да импровизираат.
„Кога завршивме со работа, рековме на кого не му се допаѓа нека даде забелешка. Никој не се побуни. Ја монтиравме, стои и убаво изгледа. Оваа работа е многу убава и креативна, бидејќи две исти работи веројатно никогаш нема да има. Тука имагинацијата може да користи максимално“, рече Андреа Пап Лукаши.
Како што напоменува, старите занаети се главно тешки занаети па ретко кој се одлучува за нив. Тешко е да се најдат и помошници, бидејќи за потешките работи се потребни повеќе луѓе.
„Луѓето се скептични кога ќе видат дека сум жена во оваа работа. А кога ќе ја видат работата на крај, тогаш се предомислуваат. Понекогаш заварувам и сакам да запишам курс за заварување, но сакам да се унапредам во оваа работа“, наведува Андреа.
Нејзиниот сопруг е комерцијалист, а мајка е на ќерка од 7 години и син од 3 години.
„Двете деца доаѓаат во работилницата и сакаат да бидат тука. Синот ги сака алатите, а ќерката е принцеза“, го претстави своето семејство Андреа.
„Може да се биде и дама и ковач. Тешко е, но може. Јас ретко кога стојам зад ковачкиот оган, освен кога нема кој. Долгите нокти се мојот заштитен знак, но секогаш работам со ракавици, па така ги чувам“, рече Андреа.
Стариот занает е врзан за старата зграда - Петроварадинската тврдина. Тука пораснала со татко и, а денеска работи во таа просторија, но врзана е и за часовникот на тврдината за кој се грижи. Нејзиниот татко Лајош Лукаши работел во Покраинскиот завод за заштита на споменици на културата во Војводина и на лична иницијатива водел сметка за стариот часовник и редовно го навивал поради што пред пет години добил големо признание, Ноемвриска повелба. Сега „пијаниот часовник“ го подига автоматски механизам, но неопходно е периодично да се нагодува.
„За часовникот се грижеше целото наше семејство. Но, и сега е потребно да се нагодува, бидејќи часовникот некогаш брза, а понекогаш доцни. Кога е ладно тогаш доцни, а кога е топло тогаш брза бидејќи материјалот се собира и се шири во зависност од температурата. Секако, тука сме и кога се поместува часовникот поради летното, односно зимското сметање на времето“, рече Андреа Пап Лукаши.