Agim Sulaj
19 Декември 2025•Ажурирај: 21 Декември 2025
ПРИШТИНА (АА) – Претседателката на Косово, Вјоса Османи, објави дека Бахамите официјално ја признаа независноста на Република Косово и дека е потпишан договор за воспоставување дипломатски односи меѓу двете држави, пренесува Анадолу.
Османи, која го нарече ова признавање од страна на Бахамите историско, рече дека признавањето од страна на оваа држава е 121-то на листата на држави кои ја признале независноста на државата Косово.
„Тукушто потпишавме, тука во главниот град на Бахамите, билатерален договор за признавање и воспоставување дипломатски односи со премиерот на Бахамите, нашиот добар пријател Филип Дејвис“, објави Османи.
Во соопштение потпишано од двете страни беше објавено дека Комонвелтот на Бахамите и Република Косово го поздравуваат градењето топло и продуктивно партнерство, кое им служи на интересите на двата народа и придонесува за меѓународниот мир и соработка.
Истовремено, в. д. премиер Албин Курти го опиша признавањето како важен дипломатски чекор, истакнувајќи дека Бахамите се четвртата земја што го признала Косово само оваа година. Тој изрази очекувања за зајакнување на билатералните односи и развој на дипломатската, економската и културната соработка, заблагодарувајќи ѝ се на претседателката Вјоса Османи и на сите што придонесоа за ова достигнување.