Andelija Stojkovic
05 Мај 2023•Ажурирај: 06 Мај 2023
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека синоќешниот напад во Младеновац е терористички акт и дека мора да се работи на целосно разоружување на Србите, јавува Анадолу.
Вучиќ вети дека убиецот од Младеновац, кој утринава е приведен, „повеќе нема да ја види светлината на денот“.
Српскиот претседател рече дека случајот е решен утринава во 8:20 часот и им изрази благодарност на сите што биле вклучени во акцијата.
Во Младеновац вооружениот 21-годишен напаѓач У.Б. уби осум лица и рани 14.
Вучиќ додаде дека вчера на територијата на Србија имало 25 интервенции поради „неодговорно однесување на младината што имитира монструм убиец“, но дека државата ќе има сила да го победи „злото и да ја зачува земјата“.
„Нема да успеат да ги победат Србија и нејзините вредности, слободарските вредности. Нема да успеат да ги уништат животите на 6 милиони луѓе“, истакна Вучиќ.
Тој побара од Министерството за правда да ги заостри казните за недозволено, неовластено поседување оружје и промет на оружје.
„На пример, за калашников од две до 12 години, за бомби, гранати и до 15 години затвор, а минималната казна да биде најмалку пет години. Оној што неовластено ќе поседува оружје, исто така, од пет до 12 години“, рече Вучиќ.
Тој јасно порача дека ќе ја „разоружи Србија“.
На прес-конференцијата побара оние на кои ќе им биде одобрено да поседуваат оружје, да мора да имаат и шестмесечна проверка во која ќе се вклучи и тест за психоактивни супстанции.
Вучиќ побара да се преземат сите мерки и воведување мораториум за поседување и носење какво било оружје во наредните две години.
Тој рече дека полицијата морала да провери и 45.000 луѓе на кои на социјалните мрежи им се „допаѓа монструм“.
Вучиќ рече дека е разгледана и можноста за понатамошни вложувања, но дека тоа не помогнало во училиштето „Руѓер Бошковиќ“, ниту би помогнало во училиштето „Владислав Рибникар“ бидејќи детето го убило лицето од обезбедувањето.
Тој најави прием на 1.200 нови полицајци и префрлување на 1.000 полицајци што ќе бидат лоцирани во училиштата. Како што рече, државата е подготвена да направи „сѐ што е неопходно за да можат нашите психолози, педагози и наставници да ја извршуваат својата работа“.
„Мора да продолжиме да живееме нормално, само мора да донесеме одлука да му се спротивставиме на ова зло“, рече Вучиќ.
Додаде дека на премиерката на Србија и на Владата им предложил да се врати смртната казна, но предлогот бил одбиен.
Денови на жалост поради убиените ученици и припадникот на обезбедувањето од училиштето „Владислав Рибникар“ ќе станат и денови на жалост поради жртвите во Младеновац. Деновите на жалост траат од денес до понеделник.