Gorana Jakovljevic
05 Мај 2023•Ажурирај: 08 Мај 2023
БЕЛГРАД (АА) - Ниту во средата, ниту синоќа медицинските служби не потфрлија, изјави денес министерката за здравство на Република Србија, Даница Грујичиќ, изразувајќи им сочувство на семејствата на убиените, јавува Анадолу.
Зборувајќи за повредените лица во вооружениот напад кај Младеновац, каде што синоќа се убиени 8 лица, а ранети 13, Грујичиќ рече дека сите повреди се нанесени од огнено оружје, дека ранетите се во стабилна состојба, но и дека сите се во животна опасност, бидејќи поради прострелните повреди, не е можно да се биде сигурен што сѐ е повредено.
Истакнувајќи дека лекарите го направиле своето да им се помогне на ранетите, им се заблагодари на екипите на итната помош од Младеновац, Смедерево и Белград кои во најкраток можен рок стигнале на местото на нападот.
„Доколку овие луѓе се извлечат, мораме да бидеме многу внимателни, бидејќи прострелните рани се такви да никогаш не можете да бидете 100 % сигурни што ќе се случува. На медицинските екипи можат да им се благодарни, бидејќи сите во ланецот работеа онака како што треба“, истакна Грујичиќ.
Таа изрази благодарност и до сите оние кои се одзваа на повикот и дојдоа да даруваат крв, наведувајќи дека тоа покажува колку имаат емпатија.
„Важно е да продолжи дарувањето крв, исклучително е важно во секој момент да гледате како се одвиваат нештата, во секој момент да имаме доволно количества крв за да им помогнеме на луѓето“, рече министерката за здравство на Србија.
Таа говореше и за децата и наставничката кои се ранети во средата во Белград.
„Две момчиња кои се лекувани во Универзитетската клиника во Тиршова, денес се пуштени дома. За жал, девојчето сѐ уште е во критична состојба, таа има повреда на главата. Кога се во прашање децата и наставничката кои се сместени во Ургентниот центар, момчето и девојчето се добро и наставничката е спуштена во помал оддел на интензивната нега. Значи полека излегуваат од криза, со тоа што наставничката и девојчето ќе бидат оперирани од ортопеди. За жал, второто момче е во многу тешка состојба. Тој има големо оштетување на 'рбетниот мозок и засега не покажува знаци на подвижност на рацете и нозете“, рече Грујичиќ и додаде дека момчето и понатаму е во критична состојба.
На крајот од своето обраќање Грујичиќ порача:
„Ги молам сите родители - тргнете го оружјето настрана.“
Од Министерството за внатрешни работи на Република Србија потврдено е дека припадниците на Министерството по опсежна потрага го привеле У.Б. (2002 годиште) во околината на Крагуевац, кој е осомничен дека синоќа со огнено оружје усмртил 8 лица.
Нападот во селата кај Младеновац е втор напад со огнено оружје со смртоносни последици што се случи во Србија во рок од два дена.
Првиот напад се случи во средата, кога во белградското Основно училиште „Владислав Рибникар“ ученик од седмо одделение (13 години) уби 8 ученици и припадник на обезбедувањето, а рани повеќе ученици и една наставничка.