Bojan Bednar
13 Септември 2022•Ажурирај: 14 Септември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денес изјави дека доколку би дошло до некаков судир на Косово, тоа би било катастрофа за Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Како врховен командант немам намера да ги праќам нашите деца во војна. Но, доколку нашите деца, мајки, татковци бидат нападнати, ќе умееме да ги одбраниме, верувајте ми на зборот“, рече Вучиќ на посебната седница на Собранието на Србија за преговорите меѓу Белград и Приштина.
Вучиќ, претставувајќи го извештајот за преговарачкиот процес на Белград со Приштина од 15 јуни 2021 година до септември оваа година, пред пратениците во Собранието на Србија рече дека „сè додека може да влијае“, Србија не сака ни посредно ниту непосредно независност на Косово, ниту ќе се откаже од легитимната борба за државни и национални интереси и од борбата за почитување на меѓународното право.
Тој предупреди дека опасноста во Косово е „блиска, објективна и сериозна“ и дека Србија на ниту еден начин „не учествувала во генерирањето на кризата, туку секогаш била за дијалог“.
Вучиќ истакна дека политиката на Србија по прашањето за Косово е водена „помеѓу посакуваното и возможното“, со тоа што „народот има максималистички желби, додека нашите можности се оскудни“.
Српскиот претседател предупреди дека „ако заглавиме во минатото“ борбата за подобра иднина на Србија ќе остане недостижна.
Затоа Вучиќ ги замоли граѓаните на Србија да бидат „рационални и реални, да знаат што е можно“.
Вучиќ оцени дека реалната политика „не може да почива на фантазмагории“, што значи дека „мораме да ги приспособиме сопствените митови, разбирајќи дека на тие митови не би можеле да опстоиме до ден денешен“.
Српскиот претседател истакна дека на Косово мора да се најде живот и за Србите и за Албанците и дека е важно во политиката да се понуди она што е реално можно.
„Сè друго е загуба, пусти соништа кои никогаш нема да можеме да ги оствариме. Од додворување на народот не може ништо да се добие“, рече Вучиќ.
Истакна дека Србија поради потезите на Приштина е изложена на значителни безбедносни предизвици и додаде дека сè поголемо е присуството на специјалните сили на приштинската полиција на северот на Косово.
Нагласи дека и покрај сè, Србија е „доследно определена за дијалог, свесна дека мирното решавање на проблемите е единствениот разумен начин“.
Рече дека не знае „како ќе заврши сето ова“, но дека ќе даде сè од себе да бидат прифатени што повеќе компромисни предлози и да се зачува мирот со Албанците.
Вучиќ истакна дека сега не зависи сè само од Србија, бидејќи Албанците спроведуваат „сè против, од хибридни операции, купување медиуми, до пресуди за Србите“.
„Суштинската причина за кризата во дијалогот меѓу Белград и Приштина“, заклучи тој, „произлегува од тоа што Западот не сака да ја почитува Повелбата на ОН и резолуцијата 1244 во случајот со Србија, ниту пак, е заинтересиран да ги почитува постигнатите договори во дијалогот.“
„Разговорите се водат под закрила на Европската Унија и ние сме на европскиот пат. Сепак, морате да имате предвид дека најмоќните земји од ЕУ го признаа Косово, како и Америка. Тие ја прифаќаат државноста на Косово и тие секогаш ќе застанат зад Албанците. Не сакам да имате никакви илузии за тоа. Не постои политика што може да го промени тоа“, рече Вучиќ.
Заклучи дека нема да биде можно да се постигне договор со сегашното раководство во Приштина, и дека притисокот на меѓународната заедница ќе се зголемува „бидејќи од компромисот им е многу поважно да се оди кон тоа Србија да оди кон неформално, но суштинско признавање на Косово“.