Agim Sulaj
06 Ноември 2020•Ажурирај: 07 Ноември 2020
ПРИШТИНА
Владата на Косово под водство на премиерот Авдулах Хоти го одржа 40. состанок по ред, на кој единствена точка на дневниот ред беа последните политички настани во земјата, по оставката на претседателот Хашим Тачи и потврдувањето на обвинението против него и против поранешните припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) од страна на Специјализираните совети во Хаг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хоти рече дека како резултат на потврдувањето на обвиненијата на шесте поранешни раководители на ОВК, меѓу кои и претседателот Хашим Тачи, поранешниот претседател на косовскиот Парламент, Јакуп Красниќи, друг поранешен претседател на косовскиот Парламент, Кадри Весели, пратеникот Реџеп Селими и други, како и сите овие случувања, уште еднаш ја ставиле на тестирање косовската држава.
Премиерот на Косово ја поздрави подготвеноста на поранешните припадници на ОВК за соработка со Специјализираните совети, сепак, рече дека народот на Косово водел борба за слобода и демократија во својот двор, а не на странска територија.
„Агресор беше Србија и нејзините воени и паравоени вооружени сили кои беа казнети од страна на цивилизираниот свет, токму за агресијата кон Косово и неговите граѓани, и за ова никој, никогаш нема ниту една дилема“, рече Хоти.
Тој истакна дека во ваква ситуација, народот треба да покаже мудрост и визија во оваа насока.
„Владата на република Косово смета дека во новосоздадената ситуација, кога претседателот на државата поднесе оставка, треба да се заштити стабилноста на институциите што се однесува до спроведување на уставните капацитети и надлежности“, додаде косовскиот премиер.
Меѓу другото, вицепремиерот на оваа земја, Бесник Тахири, нагласи дека тие како Влада ќе ги преземат сите мерки кои ќе им бидат од помош на обвинетите лица од страна на Специјализираните совети, почитувајќи ги законските рамки.
Од друга страна, министерот за правда, Селим Селими, рече дека обвиненијата против Тачи, Весели, Красниќи и Селими ги смета за тешки за косовската држава, и дека се тежок удар врз земјата.
Тој за ова побара привремено одложување на дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на Брисел.