Zylfije Adem Jakupi
07 Јануари 2022•Ажурирај: 10 Јануари 2022
ПРИШТИНА
Во продолжението на акцијата за случајот „Брезовица“, која денеска е спроведена на девет локации во Косово, приведени се четири лица, од кои три се задржани во притвор 48 часа, а едно лице е пуштено, додека петмина се бараат, соопштено е на прес-конференцијата на претставниците на Основното обвинителство во Урошевац и полицијата на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Главниот обвинител на Основното обвинителство во Урошевац, Шукри Јашари, соопшти дека претресот е извршен во канцелариите на Министерството за животна средина и просторно планирање каде што се запленети материјални докази кои ќе се користат во понатамошниот процес, а имало и апсења.
„Исто така, денеска се задржани на 48 часа Бедри Халими, главниот инспектор на Министерството за животна средина, поради основен сомнеж дека извршил кривично дело злоупотреба на службена должност. Задржан е и поранешниот генерален секретар на Министерството за животна средина, Арбен Читаку, поради сомнеж дека извршил кривично дело злоупотреба на службена должност и примање мито. По одлука на обвинителот задржан е и еден граѓанин, поточно инвеститорот во населбата Брезовица, под сомнение дека извршил кривично дело примање мито“, кажа Јашари.
Обвинителот во овој предмет, Расим Малоку, истакна дека во текот на истрагата се замрзнати речиси 6 милиони евра на банковните сметки на осомничените и членовите на нивните семејства поради сомнение дека се стекнати со кривични дела.
„Ова не е последна акција и овој процес ќе биде продолжен наредните денови“, рече Малоку.
Иако не можеше да ги објави имињата на осомничените, рече дека предмет на истрагата се и неколку Срби, од кои еден моментално е во болница, еден се наоѓа во Србија, додека двајца се во редовна постапка.
Шефот на истрагата за тешки кривични дела на полицијата во Косово, Агрон Хазири, рече дека во текот на претресот се запленети неколку материјални докази, возило, оружје, муниција, компјутерско куќиште, мобилни телефони, униформи со натпис на полицијата на поранешна Југославија и различни документи.
„Во текот на интензивната истрага која ја спроведовме со единицата за финансии, на жиро-сметката на осомничените лица идентификувавме сума на пари во вредност од 5.389.000 евра и 86.146 американски долари“, кажа Хазири.
Тој истакна дека приведените не се осомничени само за мито, туку и за попречување на процесот и заплашување.
Денешната акција и апсење се продолжение на акцијата од 21 декември кога се приведени 10 лица, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Штрпце, Братислав Николиќ од Српската листа, поради примање мито за издавање дозвола за изградба на викендички во Брезовица.