Zülfiya Yakup
17 Декември 2018•Ажурирај: 18 Декември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Многу мал број граѓани на Косово сметаат дека Косово има корист од дијалогот со Србија, додека мнозинството смета дека Србија многу профитирала на нејзиниот пат кон Европската Унија, покажува најновиот безбедносен барометар за надворешната политика и дијалогот со Србија, кој го претстави Косовскиот центар за безбедносни студии, јавува Anadolu Agency (AA).
Флориан Ќехаја, извршен директор на Косовскиот центар за безбедносни студии, истакна дека може да се заклучи дека секоја надворешна политика на Косово се чувствува во домашната политика, како на пример, дијалогот Косово-Србија или процесот на либерализација на визите.
Претставувајќи го најновиот барометар, истражувачот од Косовскиот центар за безбедносни студии, Доника Емини, истакна дека косовските граѓани сметаат дека надворешната политика на Косово целосно зависи од резултатите од дијалогот со Србија. Емини наведе дека Косово не само што не успеало да обезбеди ново признавање, туку во текот на оваа година се соочило и со повлекување на признавање. Таа, исто така, истакна дека Албанците сметаат дека од дијалогот профитира Србија, додека Србите го сметаат спротивното.
„Факт е дека немаше транспарентност во врска со дијалогот и тоа јасно се гледа бидејќи кога ќе ги прашате Србите тие го гледаат Косово како победник во процесот, додека косовските Албанци ја гледаат Србија како победник. Имаше и такви кои сметаат дека ниту една страна не профитира и дека ова е само геополитичка војна меѓу Русија и САД и тенденција на Европската Унија да покаже дека може да го реши конфликтот меѓу Косово и Србија, што е еден од најотворените конфликти во регионот“, рече Емини.
Истражувањето спроведено во текот на месец декември покажува дека 80 отсто од граѓаните сметаат дека Заедницата на општини со српско мнозинство би била пречка за државата Косово, како Република Српска во Босна и Херцеговина. Исто така, граѓаните сметаат дека влијанието на Србија во Косово е ризично, особено преку Српската листа, која го слуша Белград, а влијае на одлуките на Приштина.

Емини рече дека е поставено прашањето дали размената на територии го решава отвореното прашање меѓу Косово и Србија. „Околу 80 отсто од испитаниците одговорија со не, а само мал дел, 8,8 отсто, смета дека оваа алтернатива може да го затвори прашањето со Србија. Важно е да се види и како Србите и Албанците, и од кои региони како одговараат, бидејќи Србите во северниот дел на Косово се 36 отсто за, додека оние кои живеат јужно и кои се интегрирани изразија двоумење кон таа алтернатива“, рече Емини.
На прашањето кој треба да го води дијалогот со Србија, околу 15 проценти од граѓаните сметаат дека тоа треба да го прави претседателот на Косово, Хашим Тачи, додека 11,5 отсто сметаат дека тоа треба да биде Албин Курти, лидерот на опозициското движење Самоопределување.
Над 85 отсто од испитаниците ја гледаат Србија како непријателска земја, а во исто време ја сметаат како најголема закана за надворешната безбедност на Косово.
Кога станува збор за односот на Косово со другите земји во регионот, за најпријателски земји се сметаат Албанија со 86,4 отсто и Хрватска со 73, потоа следува Македонија со околу 50 отсто и Црна Гора со 48,1 отсто.
Само 36 отсто од испитаниците ја сметаат БиХ за пријателска земја, додека повеќето имаат негативен став, пред сè поради нејзиното спречување Косово да се зачлени во Интерпол и другите регионални иницијативи.
Дека САД се главниот стратешки партнер на Косово сметаат околу 86 отсто од испитаниците, додека 89,6 отсто ја гледаат Германија како главен сојузник од земјите на ЕУ.
Околу 70 отсто сметаат дека Турција е пријателски партнер на Косово.
Барометарот е резултат на интервјуа спроведени со 1.085 семејни економии од 8 различни региони на Косово.