Vesna Besic
10 Јули 2020•Ажурирај: 11 Јули 2020
ПОТОЧАРИ
Зелените ковчези со посмртните останки на девет жртви на геноцидот извршен во јули 1995 година на подрачјето на Сребреница, сведочат за страшното злосторство извршено во овој град во источна Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Сеад, Алија, Хасан, Хасиб, Зухдија, Бајро, Ибрахим, Салко и Кемал се наредени еден до друг. Сведочат за најголемото масовно страдање на тлото на Европа од Втората светска војна, геноцидот во Сребреница во јули 1995 година.
Нивните некомплетни тела денеска од салата на поранешната Фабрика за акумулатори во комплексот на Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“ ќе бидат пренесени во Мусалата во гробиштата на Меморијалниот центар.
Конечниот мир ќе го пронајдат утре, по 25 години трагање по нивните коски.
На 25-годишнината од геноцидот во Сребреница во Меморијалниот центар ќе бидат погребани девет жртви.
Салко Ибишевиќ е најмладата жртва која оваа година ќе биде погребана во гробиштата на Меморијалниот центар. Имал само 23 години кога е убиен. Неговите посмртни останки се пронајдени во секундарната масовна гробница Липље, во општина Зворник во 2001 година.
Највозрасната жртва која ќе биде погребана е Хасан Пезиќ од местото Пустоше кај Власеница. Тој имал 70 години кога е убиен, а исчезнал во 1995 година, на подрачјето на Козлук. Неговото тело е ексхумирано од масовна гробница во Козлук 1999 година.
Во Меморијалниот центар „Поточари“ оваа година ќе бидат погребани: Сеад (Хусо) Хасановиќ, роден во 1971 година во Кривача; Алија (Бекто) Суљиќ, роден во 1969 година во Познановиќи; Хасан (Алија) Пезиќ, роден во 1925 година во местото Пустоше; Хасиб (Шабан) Хасановиќ, роден во 1970 година во Слатина; Зухдија (Суљо) Авдагиќ, роден во 1947 година во Нова Касаба; Бајро (Рамо) Салиховиќ роден во 1943 година во Волјавица; Ибрахим (Хамид) Зукановиќ, роден во 1941 година; Салко (Ахмо) Ибишевиќ, роден во 1972 година во Љубовија и Кемал (Хусеин) Мусиќ, роден во 1968 година во Глогово.