Senita Sehercehajic
06 Мај 2023•Ажурирај: 08 Мај 2023
БЕЛГРАД (АА) - Вишиот суд во Белград вчера му одреди 30-дневен притвор на таткото на 13-годишниот К.К., кој во средата на 3 мај во Основното училиште „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко уби осум ученици и припадник на обезбедувањето, а рани шест ученици и наставничка, пренесува Анадолу.
В.К. (47), таткото на момчето, осомничен е за кривично дело против општата безбедност и дека го обучувал својот син да ракува со огнено оружје и муниција така што го носел на стрелиште. Таткото на момчето се обвинува дека постапувал спротивно на одредбите на Законот за оружје и муниција и спротивно на Правилникот за просторно-технички услови за безбедно складирање на оружје, така што оружјето и муницијата не ги обезбедил на тој начин да детето не може да дојде до нив.
Притворот му е одреден поради постоење посебни околности кои укажуваат дека во краток временски период повторно би можел да го повтори кривичното дело, како и поради тоа што поради стореното кривично дело за кое се товари, пропишана е казна затвор во период подолг од 10 години.
Вишото јавно обвинителство во Белград претходно објави дека таткото е сослушан, и дека тој ја негирал вината и активно се бранел.
Момчето К.К. не е кривично одговорно бидејќи нема навршено 14 години, и поради опсервација, сместено е во соодветна психијатриска установа за деца и млади.