Bojana Stojanovic
06 Мај 2020•Ажурирај: 07 Мај 2020
БЕЛГРАД (АА) - Собранието на Србија вечерва ја изгласа одлуката за укинување на вонредната состојба, која во земјата е на сила од 15 март поради пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (AA).
На втората седница на Собранието одржана за време на вонредната состојба, 155 пратеници гласаа за оваа одлука, никој не беше против, еден пратеник беше воздржан, и еден не гласаше.
Пратениците го изгласаа и Предлог-законот за важноста на уредбите донесени од Владата со потпис на претседателот на Републиката за време на вонредната состојба, кои Собранието ги потврди, а кои ги поднесе Владата на Србија.
Одлуката стапува на сила со објавување во Службен весник, а како што претходно најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со стапувањето на сила на оваа одлука се укинува полицискиот час кој беше на сила секој ден од 18 часот до 5 часот наутро, што би требало да значи дека од утре веќе нема забрана за движење.
Тоа, како што е кажано претходно, не значи дека понатаму не треба да се почитуваат мерките за социјална дистанца, како и заштитните мерки на носење маски и ракавици. И понатаму ќе мора да се избегнуваат контакти како што се прегрнување или ракување, а постарите од 65 години ќе можат да се движат кога ќе посакаат, со препорака да продолжат да минуваат повеќе време во своите домови.
Прошетките се дозволени, но не во група, а прославите како свадбите и родендените, треба да се дозволат од 15 јуни.
Според последните податоци, досега од коронавирусот во земјата починале 203 лица, а заболени се 9.791 лице.
Досега излекувани се 1.971 лице, а тестирани се вкупно 117.474 лица.