Husamedin Gina
19 Мај 2020•Ажурирано: 19 Мај 2020
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, истакна дека е успешно спроведен тендерот за изградба на фотонапонски електрани на приватно земјиште, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бектеши во Владата на Северна Македонија одржа прес-конференција на која информираше за тендерот за изградба на фотонапонски централи на приватно земјиште.
Министерот истакна дека изградбата на фотонапонските електрани значи почеток на нов инвестициски циклус во земјата во делот на обновливите извори на енергија.
„Со стратегијата за енергетика обезбедивме регулатива и политики за максимално искористување на обновливите извори на енергија“, рече министерот Бектеши, потсетувајќи дека Министерството објавило два меѓународни тендера за доделување премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали.
Бектеши потсети дека првиот тендер за изградба на фотонапонски централи на државно земјиште бил успешно завршен и на почетокот на годината биле потпишани договорите со сите инвеститори.
За тендерската постапка за изградба на фотонапонски централи на приватно земјиште, министерот рече дека имало 44 понуди за 29 локации низ целата земја од 23 инвеститори.
„Во првиот дел од 0 до 200 киловати потпишани се 7 договори за инсталиран капацитет од 800 киловати, за вториот дел од 201 до 500 киловати потпишани се 6 договори за инсталиран капацитет од 2,4 мегавати, за третиот дел од 501 до 1000 киловати потпишани се 12 договори за инсталиран капацитет од 10 мегавати и за четвртиот дел од 1001 до 3000 киловати потпишани се 4 договори за инсталиран капацитет од 8,16 мегавати“, нагласи министерот Бектеши.
Тој, исто така, рече дека сите инвеститори ќе имаат рок од 3 години да завршат со изградбата на фотонапонските електрани и по нивното пуштање во употреба ќе потпишат договор за користење премии во траење од 15 години.
Според Бектеши, државата на годишно ниво за сите договори, и за државно и за приватно земјиште, ќе исплаќа околу 420.000 евра во зависност од производството на електрична енергија.