Ihvan Radoykov
13 Мај 2020•Ажурирај: 14 Мај 2020
СОФИЈА (АА) – Во Бугарија денес е укината вонредната состојба прогласена на 13 март, како дел од борбата против новиот вид коронавирус, Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Со предлог на Кризниот штаб, поврзан со Владата, повторно се отворени зоолошките градини, кината, театрите, библиотеките, музеите, галериите, хотелите, парковите и спортските објекти.
Премиерот Бојко Борисов истакна дека ДДВ–то за рестораните, слаткарниците, ноќните барови, кои претрпеа најголема штета од епидемијата, ќе се намали од 20 на 9 проценти. Борисов, на министерот за финансии, Владислав Горанов, кој се спротивстави на таа одлука, му порача да си даде оставка.
За оние кои доаѓаат надвор од ЕУ, забраната за влез во земјата ќе продолжи. Граѓаните на ЕУ, ќе бидат ставени под 14-дневен карантин, со што ќе дадат информации за тоа на која адреса ќе престојуваат.
Муфтијата на муслиманите во Бугарија соопшти дека џамиите и месџидите, кои беа затворени 2 месеци заради вонредната состојба, ќе бидат повторно отворени за богослужба.
Верниците се замолени абдест да земаат дома, да користат маски и да користат дезинфекционо средство пред да влезат во џамија.
Во последните 24 часа бројот на случаи со Ковид-19 во земјата се зголеми за 65, со што достигна 2.069.
Во болниците од коронавирусот на лекување се 365 лица, а излекувани се 476 лица.
Од Ковид-19 во Бугарија досега починаа 96 лица.