Islam Uddin
15 Октомври 2020•Ажурирај: 16 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Властите во Кина на Ковид-19 тестираа над 7 милиони луѓе во тридневна кампања за итно масовно тестирање во источниот град Чингдао, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тестирањето започна во понеделникот, а локалните власти до утрово собраа над 9,94 милиони примероци за тестирање на нуклеинска киселина, според државниот дневен весник „Глобал тајмс“ (Global Times).
Тестирани се околу 7,64 милиони од собраните примероци, досега не е пријавен нов позитивен случај.
Властите започнаа кампања за бесплатно масовно тестирање на над 11 милиони жители на Чингдао, откако во неделата во градот беа регистрирани 12 случаи на коронавирусот.
За новозаразените се наведува дека се поврзани со болницата за белодробни заболувања во Чингдао, каде што се лекуваат пациентите со Ковид-19 кои пристигнуваат од странство.
Според наводите на медиумите, Владата го разрешила челникот на болницата и го суспендирала директорот на Градската комисија за здравство.
Кинеската национална комисија за здравство соопшти дека до средата вечерта биле регистрирани 11 нови случаи, од кои 10 се од странство.
Вкупниот број на заразени во земјата од минатиот декември изнесува 85.622, од кои 4.634 со смртен исход и 80.748 излекувани.