Servet Günerigök
16 Мај 2020•Ажурирај: 16 Мај 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Претставничкиот дом на Конгресот на Соединетите Американски Држави (САД) синоќа одобри економски пакет за надминување на последиците од коронавирусот вреден 3 билиони долари, во кој се вклучени средства за државните и локалните власти за закрепнување од затворањето на бизнисите поради Ковид-19, како и за директни исплати на поединци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Актот за итни решенија во здравството и економско закрепнување (HEROES) во Домот, кој е под контрола на демократите, беше изгласан со 208 наспроти 199 гласови.
Четиринаесет демократи гласаа против Предлог-законот, а еден републиканец гласаше за.
Предлог-законот ќе биде претставен во Сенатот, кој е раководен од републиканците, каде што веќе пред пристигнувањето е наречен „мртов“.
„Мртов пред пристигнувањето. Секако, тоа го знае и Ненси Пелоси“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите во средата.
Покрај обезбедувањето на државните и локалните власти со 1 билион долари, предлог-законот ќе им даде на Американците по дополнителни 1.200 долари, ќе создаде фонд од 200 милијарди долари за исплати по основ на опасност за есенцијалните работници, како и создавање на посебен фонд од 175 милијарди долари за поединци на кои им е потребна помош за плаќање кирија и хипотеки.
Со Предлог-законот исто така ќе се зголемат бенефициите за невработените бидејќи САД се сочуваат со досега највисоки стапки на невработеност какви што немало од Големата депресија, која започна во 1929 година.