Admir Fazlagikj,Ivana Ramadanova
12 Декември 2016•Ажурирај: 12 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Според податоците на Државната изборна комисија до 22:35 часот, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ освоиле 229.428 гласови, а СДСМ и Коалицијата „За живот во Македонија“ 206.075 гласови, јавува Anadolu Agency (AA).
ДУИ освоиле 38.085 гласови, БЕСА 23.049, Алијанса за Албанците 15,261, ДПА 13.650, „ВМРО за Македонија“ 11.421, Левица 4.575, Коалиција за промени и правда Трет блок 4.394, Либералната партија 1.742 и ПДП 496 гласови.
ДИК сукцесивно ги објавува податоците испратени електронски од општинските изборни комисии.
Околу полноќ се очекува ДИК на прес-конференција да излезе со првичните резултати од денешните предвремени парламентарни избори.
Портпаролот на СДСМ и носител на кандидатската листа во изборната единица 6, Петре Шилегов, на прес-конференција во партиското седиште рече дека СДСМ извојувале голема победа во Скопје, победиле во Битола, Куманово, Струмица, Струга, Кавадарци, Гостивар и Дебар.
„Победата во големите градски средини говори дека е на повидок голема победа на граѓаните", рече Шилегов.
Во меѓувреме, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев, на втората прес-конференција на партијата, изјави дека резултатот е 390.000 гласови за ВМРО-ДПМНЕ и 370.000 за СДСМ.
„Вечерва по десетти пат се случи победа на ВМРО-ДПМНЕ. Резултатите покажуваат победа. Нашиот народ повторно победи. Разликата е 390.000 спрема 370.000 во наша корист“, соопшти Ѓорчев додавајќи дека по обработката на сите избирачки места разликата ќе биде поголема.
Ѓорчев истакна дека во најголем дел од избирачките места победник е ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи ги и населените места со турско, ромско население и од другите заедници.
Тој нагласи дека СДСМ добила повеќе гласови само во населените места со мнозинско албанско население.
На денешните деветти парламентарни избори во Македонија, а четврти предвремени од 2008 година, право на глас според Избирачкиот список имаа 1.784.416 граѓани.
На предвремените парламентарни избори граѓаните можеа да избираат меѓу 11 политички субјекти: Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Демократската партија на Албанците (ДПА), Демократската унија за интеграција (ДУИ), Коалицијата предводена од СДСМ, Коалицијата „За промени и правда-Трет Блок, Партијата за демократски просперитет (ПДП), Коалицијата „Алијанса за Албанците“, Либералната партија, ВМРО-За Македонија, Движењето БЕСА и Левица.
Првичните резултати од гласањето ДИК ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.