Ekipa
31 Јануари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - ЕРЏАН ЏАНБОЛАТ – МЕРЈЕМ ЃОКТАШ – Соединетите Американски Држави (САД) во периодот меѓу 2011 и 2016 година примија 36.722 бегалци од седум муслимански земји, на чии жители со регулативата на претседателот Трамп им е забранет влез во САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела потпиша регулатива со која на државјаните на Ирак, Либија, Сирија, Иран, Судан, Сомалија и на Јемен нема да им бидат одобрени визите за САД во наредните 90 дена. Ваквата одлука на Трамп, од наводни безбедносни причини, предизвика незадоволство низ целиот свет.
Податоците на Министерството за надворешни работи и внатрешна безбедност на САД покажаа една интересна статистика кога е во прашање бројот на примените бегалци во периодот меѓу 2011 и 2017 година, токму од земјите што моментално се наоѓаат на листата за забрана на Трамп.

Така, од Сирија во 2011 година во САД се примени 29 бегалци, во 2012 година 31, 2013 година 36, а една година подоцна 105 бегалци. Во текот на 2015 година овој број е зголемен, а примени се 1.682 бегалци, додека за време на минатата година во САД влегле 12.587 сириски бегалци. До 20 јануари 2017 година САД примиле 4.618 бегалци.
Кога е во прашање Ирак, од 2011 година нема значајни промени во бројот на примените бегалци. САД во 2011 година примиле 9.388 бегалци од Ирак, а минатата година тој број изнесуваше 9.880.
Особено внимание привлекоа бројките за примените бегалци од Либија и од Јемен. Така, за шест години САД од Јемен примиле 11 бегалци, што е во просек помалку од две лица годишно. Од Јемен во истиот период се примени 57 бегалци.
Во периодот меѓу 2011 и 2017 година, од Иран се примени 17.555 бегалци, од Судан 8.339, од Сомалија 51.248 бегалци. Исто така, за шест години САД примиле вкупно 19.088 сириски бегалци.
Според податоците на ОН, поради воените случувања во Сирија во светот се раселени 4,9 милиони жители од оваа земја, а САД од 2011 година примиле 19.088 од нив.
Податоците на Министерството за внатрешни работи на САД покажуваат дека во оваа земја со 320 милиони жители, минатата година стигнале 85 илјади бегалци, меѓу кои 38.901 муслиман. Половина од муслиманските бегалци се Сиријци и Сомалијци.
Ограничувањето за прифаќање на бегалци во САД претходно изнесуваше 110 илјади, додека оваа бројка со доаѓањето на Трамп е намалена на 50 илјади.