Sümeyye Dilara Dinçer
04 Ноември 2020•Ажурирај: 05 Ноември 2020
АНКАРА
Соединетите Американски Држави (САД) и официјално го напуштија Парискиот договор за климатски промени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави „Би-би-си“ (BBC), од денеска официјално стапи на сила одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Парискиот климатски договор, која за првпат беше објавена во 2017 година. Така, САД станаа првата земја што официјално се повлече од договорот.
Напуштањето на Парискиот климатски договор беше критикувано од демократите и екологистите во земјата, а поддржано од републиканците.
Дејвид Васков, директорот на Меѓународната иницијатива за клима при Институтот за светски ресурси, го даде следниот коментар: „Повлекувањето од Парискиот договор за клима е како обид да слегувате надолу по ескалатор кој се движи нагоре.“
На 59. претседателски избори во САД, кандидатот на демократите, Џо Бајден, вети дека ќе се приклучи на Парискиот договор за климата, доколку победи.
Доналд Трамп на прес-конференција организирана во Белата куќа на 1 јуни 2017 година објави дека ќе ги повлече САД од Парискиот климатски договор потпишан од повеќе од 190 земји.
Тврдејќи дека Договорот „не е насочен кон борба против климатските промени, туку кон давање економска предност на другите земји во однос на САД“, Трамп тврдеше дека членството ќе резултира со загуба од 3 трилиони долари и 6,5 милиони работни места во американската економија.
- Парискиот договор за климатски промени
На 11 декември 2015 година во Париз се одржа 21. Конференција на Обединетите нации за климатските промени на која беше одобрен Договорот, за во април 2016 година тој да биде потпишан од над 190 земји во светот.
Барак Обама, претходникот на Трамп, беше еден од најголемите поддржувачи на Договорот и лидер за време на преговорите, чија главна цел беше зголемувањето на просечната температура на крајот од столетието да биде меѓу 1,5 и 2 степени.
Во преден план на Договорот е земјите да бидат подготвени за негативното влијание на климатските промени, поддршка за еколошките и одржливите иницијативи со кои би се намалила емисијата на стакленички гасови и материјална поддршка на земјите во развој за транзицијата кон чиста енергија.
Според законските одредби на Договорот, Генералниот секретаријат на Обединетите нации ќе може да го прими барањето на САД за повлекување од Договорот најрано на 4 ноември 2019 година.
Процесот по прифаќањето на барањето трае околу една година и официјалното повлекување на САД од Договорот беше предвидено да се случи во ноември 2020.