Ekipa
15 Септември 2019•Ажурирај: 16 Септември 2019
ЏЕДА (АА) - Денеска во Џеда, Саудиска Арабија, се одржа вонреден состанок на Организацијата на исламска соработка (OIC) на ниво на министри за надворешни работи, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот се разговараше за неодамнешните изјави на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за анексија на голем дел од окупираните територии на Западниот Брег, вклучително и Јорданската Долина.
Во својот говор за време на состанокот, палестинскиот министер за надворешни работи, Ријад ал Малики, рече: „Неодамнешната изјава на Нетанјаху ги поткопува напорите за мир и ѝ се заканува на регионалната и на стабилноста во светот.“
Јусеф ал Отаимин, генералниот секретар на Организацијата за исламска соработка (OIC), во својот воведен говор повика „да се воспостават механизми со цел Израел да се земе за одговорен за агресијата врз Палестинците“.
Ибрахим Абдулазиз ал Асаф, саудискиот министер за надворешни работи, истакна дека израелските планови се ништовни и празни.
Иако Арапите се соочуваат со многу други предизвици, Ал Асаф додаде дека палестинската кауза ќе остане главна за нив.
Во вторникот, Нетанјаху за време на изборен митинг вети дека доколку победи на општите избори, кои се закажани за 17 септември, ќе анектира делови од окупираните територии на Западниот Брег - вклучително и територијата северно од Мртвото Море и Јорданската Долина.
Изјавата на Нетанјаху ја осудија муслиманските држави и многу други земји во светот.