Gamze Türkoğlu Oğuz
15 Јануари 2019•Ажурирај: 15 Јануари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп во недостиг на храна во Белата куќа порача достава на хамбургери и пици, јавува Anadolu Agency (AA).
Владата на САД е под најдолга блокада во историјата поради неусвојувањето на буџетот за тековната година, а повеќе од 800.000 јавни службеници се принудени на неплатена работа или неплатен одмор.
Поради блокада на Владата и во Белата куќа многу службеници не доаѓаат на работа, вклучувајќи го и персоналот задолжен за храната.
„Би-би-си“ (BBC) јавува дека првиот човек на САД, Трамп, во Белата куќа го примил фудбалскиот тим кој ја освоил титулата шампион на универзитетската лига, а дека во таа пригода за гостите нарачал достава на над 300 хамбургери, пици и порции помфрит.
Трамп за новинарите изјави дека со сопствени пари ја платил храната со која ги почестил гостите, бидејќи парите на Владата се блокирани.
До блокада на американската Влада дојде поради изјавите на Трамп да се издвојат средства од буџетот за изградба на ѕидот на американско-мексиканската граница.
Најдолгата блокада на Владата досега би можела да потрае, бидејќи сѐ уште нема назнаки дека Трамп и демократите се подготвени на меѓусебни отстапки и компромисно усвојување на буџетот.