Ekipa
02 Јуни 2019•Ажурирај: 03 Јуни 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските воени авиони ги нападнаа воените цели на Сирија по извршените ракетни напади од Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението издадено од армијата се вели дека израелските воени авиони ја нападнале сириската артилерија и воздушните одбранбени батерии по двете ракети кои биле истрелани од Сирија кон окупираната Голанска Висорамнина.
„Ние го сметаме сирискиот режим одговорен и цврсто ќе дејствуваме против секој обид да им се наштети на израелските цивили“, соопшти армијата.
Сириската официјална новинска агенција САНА објави дека тројца војници загинале и седум други биле повредени во израелските напади, во кои биле погодени некои места во југозападниот Дамаск и Кунејтра.
САНА, цитирајќи воен извор, рече дека сириските воздушни одбранбени сили пресретнале неколку ракети истрелани од страна на Израел од Голанската Висорамнина.
Израел окупира околу две третини од Голанската висорамнина како де факто резултат на војната на Блискиот Исток во 1967 година. Формално ја припои територијата во 1981 година - акт кој едногласно беше отфрлен од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации.