Mücahit Aydemir
08 Декември 2023•Ажурирај: 09 Декември 2023
АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската полиција и овој петок примени строги ограничувања за верниците за влез во џамијата Ал-Акса, во окупираниот Источен Ал-Кудс (Источен Ерусалим) на џума-намаз, петочната молитва на муслиманите, јавува Анадолу.
Ограничувањата траат веќе осум недели, а израелската полиција ги спречува Палестинците да влезат во Ал-Акса и да извршат молитва.
Израелските сили ги затворија со железни бариери улиците во старото јадро на градот, каде што се наоѓа џамијата Ал Акса, а од утринските часови не им се дозволува на помладите палестинци, а во одредени случаи и на постарите да влезат во нејзиниот комплекс.
Во Ал Акса, пред 7 октомври, петочната молитва ја извршуваа од 100.000 до 150.000 верници.
Поради израелските опструкции, џума-намаз денес клањаа само околу 5.000 муслимани.
Израелските сили вршеа проверка на идентитетот на контролните пунктови поставени на железните бариери во подрачјето на старото јадро и вратија многу Палестинци.
Израелските сили повремено интервенираа кон палестинската младина која сакаше да влезе во џамијата Ал-Акса.
Палестинците, на кои не им е дозволен влез во Ал-Акса, џума-намаз клањаа во близина на џамијата.