Mehmet Fatih Aslan,Mustafa Güçlü
03 Ноември 2019•Ажурирај: 04 Ноември 2019
ТЕЛ АБЈАД (AA) – Во тек е реновирање на болницата во Тел Абјад, која ја запалија терористите додека бегаа од споменатото подрачје, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските сили на 9 октомври ја започнаа воената операција „Извор на мирот“ на североистокот на Сирија, со цел елиминација на терористичките елементи на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ поради обезбедување на турската граница, и овозможување доброволно враќање на сириските бегалци.
Министерството за здравство на Република Турција пружа помош во реновирањето на болницата, која терористите ја запалија додека го напуштаа Тел Абјад.
Терористите за време на бегањето запалија оддели во кои се наоѓаа лабораториите, операционите сали, одделите за хирургија и гинекологија и акушерство.
Тимовите интензивно работат за да болницата повторно биде во потполност оспособена и ставена на располагање на жителите.
Еден дел веќе е во служба на жителите, а во тек се работи и за поправки во остатокот на комплексот.
Емре Еркус, шеф на Кабинетот за здравство во Шанлиурфа, во Турција, за АА рече дека бројна опрема е уништена откако терористите ја запалија болницата.
„Моментално се во тек активности со цел ова место да биде во формат на државна болница со 75 кревети“, појасни Еркус.
Додаде дека работите брзо се одвиваат и дека жителите на Тел Абјад имаат можност да добијат одредени услуги.
Во тек се и интензивни активности за оспособување и на останатите одделенија на болницата.
Еркус рече дека е потребно во овој период болницата да профункционира и дека е ангажиран тим архитекти и инженери за да работите можат да бидат завршени што поскоро.
Тој додаде дека е потребно да се исцртаат мапи на инсталација, а се работи и на подготовки за оспособување на одделот за итна помош, интензивна нега, педијатрија, гинекологија и акушерство, интернистичкиот оддел и одделот за општа хирургија.
„Сите деноноќно работиме за да болницата што поскоро биде потполно ставена во функција. Кога работите ќе бидат завршени, ова ќе биде една болница со операциона сала, рендген, лабораторија и томографија“, рече Еркус.
Сириецот Халид Етахри е среќен поради работите за реновирање на болницата.
Тој потсети дека терористите ја запалиле болницата за време на заминувањето од Тел Абјад.
„Фала му на Бога, со помош на Турција се работи на реновирање на болницата, а ќе биде подобра отколку порано. Целата болница изгоре, а луѓето работат на поправки. Порано ЈПГ/ПКК вршеше тиранија постојано. Никому не му дозволуваа да работи, освен на луѓето блиски до нив“, рече Етахри.
Мустафа ел Јасин верува дека болницата ќе биде подобра отколку што била порано.
„Многу сме задоволни со активностите на Турција. Сè е исчистено, а сега се работи на поправки и молерисување“, рече Јасин, кој потсети дека терористите запалиле и низа куќи.